Адеми–Богдановиќ: Културната соработка е содржајна, има потенцијал да се продлабочи

Министрите за култура на СевернаМакедонија и Црна Гора, Асаф Адеми и Александар Богдановиќ, денеска во Скопје потпишаа нова Програма за соработка во културата за 2019-2022, која произлегува од Спогодбата за развој во културата на двете земји од 2006 година.

Адеми и Богдановиќ на прес-конференција по средбата истакнаа дека двете земји имаат одлична соработка на надворешнополитички план зашто показател, како што рече Адеми, се билатералните посети на сите нивоа.

„Тие односи треба да се унапредуваат во сите општествени сфери, особено во културата која е одличен медијатор во нашата комуникација. Во изминатите години се реализираа голем број проекти и иницијативи, учества на фестивали во двете земји, особено во театарот, каде што имавме и бројни признанија. Уверен сум дека со новата програма нашите врски ќе се продлабочат уште повеќе во сите дејности од културата“,
истакна Адеми.

Посочи и дека со Црна Гора соработуваме и мултилатерално преку проекти како Форумот на словенски култури, мрежата за преводи „Традуки“, Советот на министри за култура од ЈИЕ, Платформата НР Кина + 16 земји од ЦЕИ…

Според црногорскиот министер Богдановиќ, двете земји чии заеднички вредности, како што рече, се мултикултуралноста и мултиетничноста, имаат потенцијал да ја продлабочат културната соработка која и сега, рече, е пријателска и содржајна.