Брегзит ќе ја чини Австрија 650 милиони евра

Излегувањето на Велика Британија од Европската унија ќе донесе големо отповарување по буџетите на земјите членки на Унијата, а само Австрија ќе ја чини околу 650 милиони евра, проценуваат австриските медиуми.

Ниту една варијанта на излегувањето на Лондон, договорен или „тврд“ Брегзит, сеедно, нема да биде ефтино за ЕУ.

Најголем губитник секако ќе биде Велика Британија, затоа што експертите оценуваат дека стопанството на таа земја во следните 15 години ќе растат за осум отсто помалку отколку што тоа би било ако Лондон остане во ЕУ.

Драматични последици, според пишувањето на виенскиот весник „Естерајх“, Брегзит ќе има по буџетот на Унијата.

Имено, Велика Британија е вториот по големина нето-уплатувач во буџетот на ЕУ.

Во случај на „тврд“ Брегзит од април до крајот на 2020 година ќе недостасуваат 16,5 милијарди евра.

Затоа Австрија ќе мора да уплати околу 500 милиони евра во европскиот буџет.

Австриската влада одбива дополнително оптоварување за потребите на буџетот на Унијата.

Во Велика Британија моментно работат 250 австриски компании кои вработуваат 55.000 Британци, и на нив, според претставниците на Стопанската комора на Австрија во Лондон, Кристијан Кесберг, нема да има големо влијание.

Некои фирми веќе предупредија дека излегувањето на Британија од Унијата за нив е вистинска катастрофа.

Австриските медиуми укажуваат на тоа дека во случај на „тврд“ Брегзит, којшто засега е многу извесен после отфрлањето на договорот со ЕУ во англискиот парламент, ќе дојде до хаос на границите, затоа што ќе се воведат царини.

Инаку, Австрија во Велика Британија извезува стоки во вредност од четири милијарди евра, а на тоа, според пресметката на „Естерајх“, ќе мора да се платат царински давачки во висина од околу 150 милиони евра.