Вечер на кратки фимови во Куманово

Вечер на кратки македонски филмови во организација на фестивалот за краток филм „Drim Short“ и Здружението за култура и уметност „Арт-Манија“, а во соработка со Центарот за култура ќе се одржи вечерва во НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Кратките филмови на програмата се во режија на млади македонски режисери и обработуваат теми од секојдневието.

Според организаторите нивната цел е што повеќе да ја афирмираат кратката филмска форма кај нас, а со тоа да се промовираат младите автори и да се врати кино програмата во градовите каде изумрела.

Освен тоа, додадена вредност на програмата е нејзиниот едукативен карактер што произлегува од самите пораки со кои филмовите ги заокружуваат своите приказни.

За престојниот период организаторите најавуваат и други активности од различни области со кои ќе ја зајакнат културната понуда во градовите низ државата.