Вилијан пред средбата Бразил-Белгија: Комплициран натпревар

Бразилскиот фудбалер Вилијан вели дека неговата екипа, после победата над Мексико, ќе игра со голема самодоверба против Белгија во четвртфиналето на Светското првенство, но истакна дека тој и соиграчите мораат да бидат претпазливи.

Репрезентацијата на Бразил во осминафиналето го победи Мексико со 2:0 и се пласираше во следната фаза, во четвртфиналето, меѓу осумте најдобри селекции во светот, каде што ќе се сретне со Белгија.

„Тие се одлични играчи, некои од нив играат со мене во Челси. На Куртои е тешко да му пронајдеш слаба точка, тој е многу висок голман. Ќе видиме кој е најдобар начин за да ги нападнеме и да постигнеме гол“, изјави Вилијан за бразилските медиуми.

Фудбалерот на Челси истакна дека Белгија е тежок противник и дека утре ги очекува уште еден комплициран натпревар.

„Не е лесно да се игра против нив, тие ќе бидат сериозен и тежок противник. Ќе ја анализираме нивната игра, онака како што и тие ќе ја гледаат нашата. Ќе сториме се да ги победиме“, рече бразилскиот репрезентативец.

Натпреварот помеѓу селекциите на Бразил и Белгија се игра утре (петок) со почеток во 20 часот во Казањ.