Влада: Иванов го прекрши Уставот, неопходни беа мерки за да продолжи да функционира парламентарната демократија

Донесувањето на Законот за употреба на јазиците во Република Македонија и Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните (Договорот од Преспа), е во целосна надлежност на Собранието на Република Македонија.

Владата на Република Македонија ја поддржува одлуката двата закони да бидат објавени во „Службен весник на РМ“ со потпис на Претседателот на Собранието, имајќи го предвид прекршувањето на Уставот од страна на Претседателот Ѓорѓе Иванов.

Иванов беше должен да го потпише указот за прогласување на двата закони, а кога тој одлучува да го крши Уставот, неопходно е да се преземат мерки кои се во согласност со Уставот за да продолжи да функционира парламентарната демократија.

Според Член 51, став 2 од Уставот на РМ, секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Тоа е обврска и за Претседателот на државата.

Членот 75, став 3 од Уставот на РМ е јасен, Претседателот на државата е должен да го потпише указот за прогласување на законите што ги носи Собранието на Република Македонија, доколку тие по втор пат се донесат со потребното мнозинство во законодавниот дом, односно Собранието.

И двата закона, Законот за употребата на јазиците во Република Македонија и Законот за ратификација на Договорот од Преспа, се усвоени по втор пат со потребното мнозинство во Собранието на Република Македонија. Законот за употреба на јазиците во март оваа година, а Законот за ратификација на Договорот од Преспа на 5 јули, исто така оваа година.

Согласно уставните одредби, а поради неизвршување на обврските на Претседателот на државата, на Претседателот на Собранието на Република Македонија единствено што му преостана е да ја исполни должноста што произлегува од Членот 52 од Уставот, согласно кој  законите што по втор пат се донесени со потребното мнозинство во законодавниот дом треба да бидат објавени во „Службен весник на РМ“, 7 дена по нивото донесување.

Владата на Република Македонија смета дека со оваа постапка Претседателот на Собранието на РМ ја запре тенденцијата една церемонијална постапка на Претседателот на државата да се претвори во преседан кој се закануваше да го блокира функционирањето на системот и тоа со кршење на Уставот со оглед на фактот дека, според заедничкото читање на Член 75 и на Член 52  од Уставот, Претседателот на државата е должен да потпише указ секогаш кога Собранието по втор пат одобрува донесување закон.

Владата на Република Македонија потсетува дека Претседателот на државата, не е законодавно тело, и беше повикан повеќе пати да го почитува Уставот и да постапи согласно законските обврски, и укажува дека иницијативата на Претседателот на Собранието на РМ ги враќа постапките предвидени за вакви случаи назад во рамката што ја определува Уставот и законите.