ВМРО-ДПМНЕ: Ги повикуваме сите институции да го бојкотираат Законот за двојазичност – предвремени избори веднаш

„Законот за двојазичност кој беше неуставно и незаконски потпишан од страна на Талат Џафери и објавен во службен весник е на штета на Република Македонија и кохезијата во општеството. Членовите од 1 до 14, како и членовите 16, 17, 22, 23 и 24 се во спротивност со Амандманот V од Уставот на Република Македонија, додека членовите 8, 9, 51, 52, 54 и 108 се во спротивност на Амандманот VIII од Уставот на Република Македонија, тоа беше нотирано од страна на претседателот на државата, но и од други еминентни правници“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Пратеникот со став дека „Целата процедура низ која власта го туркаше законот за двојазичност е нелегитимна. Власта го злоупотреби европското знаменце и под превезот на реформски закон од значење за нашиот влез во Унијата донесе неуставен закон, кој во општеството ќе креира правен хаос и конфузија“.

„Законот за двојазичност е донесен без поширок политички и општествен дијалог. Спротивно на препораките на правната фела и општата јавност власта го истурка законот за двојазичност кој ќе креира целосен паралелизам во сите државни институции, како на централно, така и на локално ниво. Овој закон ќе ги блокира институциите, кои наместо да си работат работата ќе треба да преведуваат и одржуваат двојни архиви, што ќе ја чини државата и граѓаните, време, место, човечки ресурси и пари. Владата која ветуваше живот за сите потроши две години за антидржавни дејанија кои не им носат подобар живот на граѓаните, не носат повеќе пари за живот, ниту подобар стандард во целост. Наместо подобри услови за живот граѓаните добија нови поделби и понижувања“ – рече Мицевски.