Во Штип комеморација за фудбалската легенда Драгослав Шекуларац

Во Штип пред споменикот посветен на фудбалската легенда Драгослав Шекуларац, кој се наоѓа пред Центарот за култура „Ацо Шопов“ и Правниот факултет денеска се одржа комеморација на која присуствуваа негови роднини, спортски работници, пријатели и градоначалникот на Општина Штип.

Шекуларац беше омилен меѓу штипјани, бидејќи во 1937 е роден токму во Штип, по што заедно со родителите се пресилил во Белград. Спортските работници и новинарите кои имале средби и се дружеле со Шекуларац велат дека постојано го посетувал градот Штип, каде што во коритото на реката Отиња играл и фудбал со другарите.

На комеморацијата пред споменикот се обратија градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски и претседателот на Комисијата за спорт во Советот на Општина Штип, Елмир Мандак, кои потенцираа дека фудбалската легенда ќе остане во сеќавањето на штипјани и на спортските работници, бидејќи во 1978 година токму во Штип ги донесе и познатите светски фудбалски ѕвезди, Еузебио, Џајиќ, Сантрач, Молина и други, кога се простуваше од фудбалот, а во 2017 година градот му го изгради и споменикот, а на Градскиот стадион ги донесе и ветераните на Фудбалскиот клуб „Црвена Ѕвезда“.

Делегации од општината, Фудбалскиот клуб „Брегалница“, како и  спортски работници, роднини  и пријатели на споменикот положија и букети цвеќе.