Гвардиола: И Сити, и Ливерпул ја заслужуваат титулата, таа е поважна од ЛШ

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола направи многу интересна изјава во пресрет на реваншот од четвртфиналето во Лигата на Шампионите против Тотенхем.

Шпанецот изјави дека според него, титулата во Премиер лигата е најзначајниот трофеј и тој не дошол на „Етихад“ со цел да ја освои Лигата на Шампионите, иако сака да го постигне тоа.

Пеп ја нагласи важноста на следните три натпревари, во кои неговите играчи мора да победат по секоја цена. Во спротивно, Манчестер Сити ќе ја изгуби битката за двата трофеи. Гвардиола е на мислење дека и актуелните шампиони и Ливерпул ја заслужуваат подеднакво титулата во Премиер лигата.

„Ако не ги освоиме следните три натпревари, ќе бидеме аут од Лигата на шампионите и од битката за Премиер лигата. Оваа сезона имаме неверојатен ривал во лицето на Ливерпул. Обично 84 или 85 поени се доволни за титулата. И двата тима ја заслужуваат, но само еден може да ја освои. Знам дека луѓето велат дека дојдов тука за да ја освојам Лигата на шампионите, но не сум тука за тоа. Дојдов, за да играме на начин како што го правиме тоа во последните 20 месеци. Секогаш сум велел дека
Премиер лигата за мене е најважниот трофеј, бидејќи на секои три дена треба да покажуваш дека заслужуваш да си на врвот“, изјави Гвардиола.

Шпанецот, исто така, ги повика навивачите на Манчестер Сити за многу посериозна поддршка, отколку во натпреварот од Тотенхем.

Според него приврзаниците на „граѓаните“ треба да покажат во утрешниот дуел дека
сакаат нивниот тим да продолжи во полуфиналето.

„Таква атмосфера како на натпреварот со Ливерпул ќе биде доволна за мене. Можеби дури и малку подобра. Имаме потреба од тоа. Сум имал и неуспеси во овој турнир, но секој пат кога сум играл во четвртфинале или полуфинале, атмосферата била неверојатна. Сите ги поддржуваат своите тимови. Навистина ни треба тоа. Сакам да видам дека навивачите имаат желба да играме во полуфиналето. Не зборувам за играчите. За нив немам сомнение“, додаде Каталонецот.