Германија: Објавена снимка од напад на пратеник од крајната десница

Германската полиција објави видео снимка од нападот кој што се случи неодамна над пратеник од партијата на крајната десница.

Снимката која трае речиси една минута, а која вчера ја објави бременската полиција, е снимена од две безбедносни камери во премин меѓу две згради и го прикажува нападот на локалниот лидер на Алтернатива за Германија (АфД) Франк Магниц, извршен во понеделникот, пренесе АП.

На снимката се гледаат три лица со капи на глава кои одат зад Магниц, а еден од нив го удира по глава од позади. Магниц паѓа на земја, а тројцата бегаат.

Од АфД соопштија дека нападот е политички мотивиран, додека полицијата информираше дека го истражува случајот и дека не исклучува и други мотиви за нападот.