Германија очекува раст на БДП од 2,2 отсто

Растот на германската економија во првиот квартал може да забави, но нагорниот тренд во најголемата европска економија останува стабилен и широко распостранет благодарение на силната домашна и странска побарувачка, објави Министерството за финансии на Германија.

Германската економија во четвртото тримесечје од 2017 година порасна за 0,6 отсто во споредба со претходните три и бележи раст на активноста во најголем дел базирајќи се личната потрошувачка. Во изминатите месеци дополнителен потстрек беа вложувањата на компаниите и извозот.

„Економските показатели сигнализираат мало слабеење на стапката на раст на бруто домашниот производ на почетокот на годината“, се наведува во месечниот извештај на германското министерство за финансии, наведувајќи го меѓу причините неочекуваното ниско индустриско производство во февруари.

„Растот во Германија останува стабилен и силно поддржан од надворешни и внатрешни фактори“, се заклучува во извештајот на Министерството.

Планиран раст на БДП-то годинава од 2,2 отсто

Во првите три месеци од годинава даночните приходи на сојузната влада и 16 регионални држави пораснаа за 4,1 отсто во однос на истиот период од минатата година, покажуваат статистичките податоци. Тоа е, повеќе или помалку, во склад со нивната проекција за цела година од 4,2 отсто.

Германската влада следната недела ќе ги ажурира проекциите за раст за 2018 година. Во јануари експертите предвидоа дека растот на БДП за оваа година ќе биде 2,4 отсто.

Водечките германски економски институти во четвртокот објавија дека во оваа година очекуваат раст од 2,2 отсто, и два отсто во 2019 година.