ГлаксоСмитКлајн: Сите вакцини испратени во Македонија се исправни

Белгиската фармацевтска компанија ГлаксоСмитКлајн (ГСК) која ја произведува МПР вакцината што се користи во Македонија соопшти дека од нивна страна сѐ е регуларно и дека се води истрага околу инцидентот во Македонија.

Портпаролката на ГСК, Елизабет Вандам, во писмен одговор за МИА порача дека фирмата била информирана за проблемот околу етикетите и амбалажата во Македонија и дека моментално води истрага за случајот.

„Нашите вакцини Приорикс се испратени до дистрибутер во Македонија, Македонија Лек. Можеме да потврдиме дека сите вакцини Приорикс се испратени директно од местото на производство во Вавре, Белгија и дека овие вакцини ги почитуваат стриктните правила и нормите на квалитет на Европската Унија, стои во дописот.

ГСК води истрага за ситуацијата и „тесно соработува“ со локалните власти во Македонија како и со дистрибутерот.