Димитров: Градењето институции посилни од политичките лидери, предизвик со кој се соочуваме на европскиот пат

Победата на меритократијата над клиентелизмот, градењето институции кои ќе бидат посилни од политичките лидери, борбата против корупцијата и одливот на талентирани луѓе се предизвиците со кои се соочува земјава на европскиот пат, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната работна средба со претставниците на делегацијата на Поткомитетот за транзиција и развој на Парламентарното Собрание на НАТО.

Шефот на дипломатијата изрази задоволство што посетата на претставниците на Поткомитетот за транзиција и развој на Парламентарното Собрание на НАТО се реализира во период на ратификација на Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО. Тоа, оцени, претставува јасна поддршка на нашата евро-атлантска перспектива.

Средбата, како што соопшти МНР, беше искористена за размена на информации за постигнатите резултати во остварувањето на стратешките цели на земјата, пред се’ по потпишувањето на Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО, како и европската перспектива на земјата.

Министерот Димитров ги информира соговорниците за актуелните политички и економски состојби во земјата, за определбата на Владата за целосна имплементација на приоритетните реформски цели, како и за вклученоста и заложбите на нашата земја во зајакнувањето на регионалната соработка.

Во рамки на дводневната посета, делегацијата на Поткомитетот за транзиција и развој на ПС на НАТО ќе има средби и со Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во ПС на НАТО, координаторите на пратеничките групи, членовите на Комисијата за надворешна политика и членовите на Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието, како и со други владини претставници.