Димитров се сретна со Јан Хекер, советник на Меркел и со пратеникот Хакварди

„Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска пред да се обрати во германскиот Бундестаг на дебатата „Западниот Балкан по решавањето на прашањето за името: постигнувања, предизвици и перспективи“, имаше средба со Јан Хекер, советник за надворешна политика на канцеларката Ангела Меркел и со
пратеникот Метин Хакварди.

„Отворена и директна средба со др. Хекер. Препознавањето на македонскиот успех ќе го зголеми влијанието на ЕУ на Балканот, ќе го зацврсти нашиот пат и ќе ги охрабри сите земји во регионот, напиша Димитров на неговиот фејсбук профил за средбата со Хекер.

Со Хакварди, пак, шефот на дипломатијата разговарал за реформите, за
добрососедството, за потребата ЕУ да го потврди заедничкиот успех,
мотивирајќи го целиот регион.

Инаку, дебатата во Бундестагот ја организираат парламентарните групи на Зелените и на германската секција на Унијата на Европските федералисти, во која членуваат пратеници од четири политички партии – ЦДУ/ЦСУ, Социјал-демократи, Зелените и Либералите.

Пред денешната дебата во Бундестагот Димитров преку Твитер порача дека пред германските пратеници има да раскаже добра европска приказна за нашата држава.

Шефот на дипломатијата ќе има средби со пратеници во Германскиот парламент на кои ќе им го презентира напредокот на Република Северна Македонија и подготвеноста на земјата за почеток на пристапните преговори во ЕУ.

Програмата на дводневната посета опфаќа и средби со други релевантни соговорници од Министерството за надворешни работи и други владини претставници, соопшто порано денеска МНР.

 

МИА