Заев во Грделичка клисура: Се радуваме на успешните потфати на сите наши соседи

„Премиерот Зоран Заев вечерва заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ присуствуваше и говореше на свеченото отварање на јужниот крак на Коридорот 10 на делницата на автопатот низ Грделичката клисура, кај Владичин Хан.

Премиерот Заев беше придружуван од министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Изразувајќи благодарност за поканата да биде дел од овој значаен настан за Република Србија, премиерот Заев рече дека „се радуваме на успешните потфати на сите наши соседи“.

„Се радуваме за пријателска Србија и нашиот пријателски српски народ.

Сега кога гледаме колку изгледа величествено ова модерно автопатско решение честитките за успешниот зафат добиваат уште поголемо значење, изјави Заев, кој додаде дека „нашите граѓани како европски граѓани имаат автопатско решение од северната до јужната порта на ЕУ.“

 

Од Скопје до Белград ќе се патува за три и пол до четири часа, рече премиерот, и нагласи оти „намалувањето на физичката, временска дистанца, меѓу главните градови на двете држави е соодветно на пријателството и блискоста меѓу нашите народи, што ја носат во своите срца.“

Коридорот 10 е вистинска европска вредност на поврзување и комуникација, оцени Заев, додавајќи дека дополнителна вредност на автопатот е промоцијата на проектот за заедничко гранично управување Оне стоп шоп, со што ги воведуваме Шенгенските механизми меѓу нашите земји и ја носиме Европа овде.

„Граѓаните на Северна Македонија ве сакаат почитувани граѓани од Република Србија. Нека расте нашето пријателство. Да бидеме блиски и заедно да соработуваме, изјави Заев на отварањето на Коридирот 10 во Владичин Хан.

Со отварањето на делницата кај Грделичка клисура, Србија преку Коридорот 10 ќе биде целосно поврзана со 600 км долг автопат од границата на Северна Македонија до границата со Унгарија.

На делницата преку Грделичка клисура долга 26,3 километри, возачите од Северна Македонија и Србија ќе имаат можност да поминат низ два нови тунела и 33-те конструирани моста. Тунелите Предејане и Манајле се со вкупна должина од 2,8 километри, минирани се ридови заради „скротување“ на природата, “исправнено” е коритото на реката Јужна Морава, а 33-те мостови се со вкупна должина од 5,7 километри.

На делницата кај Гредичка клисура вградени се 560.000 тони асфалт, а вкупната должина на сите потпорни конструкции е околу 15 километри.

Поради тежината на изградбата, особено на Косината 2, каде што се урна дел од ридот, изведувачите мораа да изградат галерија со 110 бетонски носачи, вградени се 7.000 тони арматура и отстранети се 170.000 кубни метри земја.

На Косината 3, на лизгалиштето кое е едно од најсложените на оваа делница, ископани се над 500.000 кубни метри земјиште.

Мостот Врла, кој е долг 645 метри, воедно е и најдолгиот и највисок мост на јужниот крак на Коридорот 10, чиј највисок столб е висок 62 метри.

Коридорот 10 е еден од најважните пан-европски транспортни коридори што поминуваат низ Србија и ги поврзува Австрија, Унгарија, Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија, Северна Македонија и Грција.

 

 

МИА