Заев: Како земја аспирант за ЕУ мора сериозно да се бориме против сивата економија

Премиерот Зоран Заев смета дека е добро тоа што државата е подобро рангирана на листата на „Херитиџ“ во однос на економските слободи, но вели дека како земја аспирант за членство во ЕУ, мораме сериозно да се бориме против сивата економија затоа што со нелегалната економија не губи само буџетот, туку и граѓаните.

Коментирајќи го најновото рангирање на државата од страна на агенцијата „Херитиџ“ за слободата во економијата, Заев рече дека голем дел од политиките што ги спроведува Владата се токму во насока да се сузбие нелегалната економија.

– Мерката „Мој ДДВ“ е борба против сивата економијата, евазија на данокот на додадена вредност. Намерата е да ги легализираме и парите во кеш што ги даваат голем дел од фирмите на полулегален дури и на законски начин. Сите овие мерки што ги развиваме како Влада се буквално борба против сивата економија, која според нашите проценки е меѓу 20 и 30 отсто, што е многу. Така што земја која има аспирации да биде европска, мора сериозно да се бори не само затоа што буџетот губи, туку затоа што губат и граѓаните, односно сите кои се на легалниот пазар, изјави Заев, пред настанот во хотелот „Хилтон“.