Законот за јазици, и кој го прекршил Уставот

Со потпис на претседателот на Собранието Талат Џафери, Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на спогодбата од Преспа беа објавени во Службен весник, што предизвика реакции од претседателот на државата Ѓорге Иванов и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Џафери заедно со указите за законите, до Службен весник доставил и дополнително објаснување на причините зошто се потпишан само од него, а не и од претседателот Иванов, а тоа го образложи и вчера на прес-конференциј во Собранието. Според Џафери, Иванов со непотпишувањето на двата закона не ги исполнил неговите обврски кои произлегуваат од Уставот и направил злоупотреба на службената должност.

За претседателот Иванов, пак, објавувањето на законите за употреба на јазиците и за ратификација на спогодбата од Преспа во Службен весник без потпис на указ од Претседателот на Република Македонија, е противуставно.

Со доставувањето на овие два закона во Службен весник, како што посочува Иванов, е прекршен член 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење. Тој смета дека ова е момент кој ќе покаже дали во Република Македонија постои Уставен суд, дали функционира обвинителството, дали има независно судство и дали постои владеење на правото.

„Се прашувам, дали високите претставници на меѓународната заедница, кои ја поддржуваат оваа владина коалиција, ќе се јават и ќе го поддржат овој начин на донесување на закони? Дали ќе ги поддржат овие преседани, што носат несогледливи последици и штета по правото и правната држава и дали вакви преседани применуваат во сопствените држави, подвлекува во писмената изјава шефот на државата.

На овие обвинувања, Џафери одговори дека претседателот на државата „ги помешал лонците“ и оти се е направено според одредбите од собранискиот Деловник. Иванов, спроед него, со непотпишувањето на двата закона не ги исполнил неговите обврски кои произлегуваат од Уставот и направил злоупотреба на службената должност.

„ Јас му дадов доволно време за двата указа, за првиот за законот за јазици имаше една година, а  за другиот шест месеци. Јас го презедов тоа што е во мојата институционална надлежност и не сметам дека сум прекршил нешто, додаде собранискиот спикер.

За најавата дека ќе биде кривично гонет за објавувањето на законите, Џафери вели дека Иванов не е тој што ќе покрене постапка против законодаваната власт, туку таа е која ќе побара одговорност од него.

– Не кажав дека ќе побарам импичмент, но надлежноста на законодавната власт е да побара одговорност од претседателот. Тоа е надлежност на пратениците и тие можат да поведат импичмент за претседателот, истакна Џафери.

Од Владата на Република Македонија ја поддржуваат одлуката двата закони да бидат објавени во „Службен весник на РМ“ со потпис на претседателот на Собранието, имајќи го предвид, како што наведуваат, прекршувањето на Уставот од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов.

-Иванов беше должен да го потпише указот за прогласување на двата закони, а кога тој одлучува да го крши Уставот, неопходно е да се преземат мерки кои се во согласност со Уставот за да продолжи да функционира парламентарната демократија, соопшти Владата.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе кривична пријава против Талат Џафери и директорот на Службен весник, но и против сите за кои ќе биде утврдена одговорност дека го прекршиле законот, за објавување на законот за двојазичност без потпис на претседателот на државата. Од партијата најавуваат дека дополнително ќе поднесат иницијатива за испитување на уставноста на законот за двојазичност до Уставниот суд.

„Со овој закон се урива уште еден темел на Република Македонија кој ги поврзуваше сите етнички заедници кои живеат тука. Овој закон е уште една хипотека преку која Заев се обидува да ја плати цената за неговото доаѓање на власт и затоа ваквото однесување на СДСМ и ДУИ е срамно и неприфатливо, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ЈП Службен весник посочуваат дека секој е должен да го почитува Уставот. – Службен весник е должен да ги објави законите и другите прописи во рок од осум дена од нивното донесување, соопшти Јавното претпријатие по најавите дека и од нив ќе се бара кривична одговорност. Оттаму велат дека ќе поведат судска постапка и нема да дозволат мешање на политиката во нивната работа.

Законот за употреба на јазиците два пати беше изгласан во Собранието, на 11 јануари и на 14 март минатата година, но претседателот на државата Ѓорге Иванов одби да го потпише, со образложение дека е противуставен.

Со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.