Замрзна реката Брегалница во Делчево и Берово

Екстремно ниските температури во Пијанечко-малешевскиот регион резултираа со замрзнување на реката Брегалница во Делчево и Берово. Според анкетирани граѓани вакво нешто ретко се случува во последните неколку години.

„Не паметам последен пат кога замрзнала реката, можеби има некои 20 години. Паметам тогаш имаше снег од 30 сантиметри и скоро се беше замрзнато. Еве денес гледаме дека е многу ладно и иако снег во Делчево има само на Голак, сепак поради ниските температури водата замрзнала, вели Љупчо од Делчево.

Во двата градови на крајниот Исток синоќа температурите се движеа неколку степени под нулата, во Делчево беа измерени -10 степени додека во Берово минус 15 степени целзиусови. Токму поради ова, но и поради Бадник, тие денеска ќе останат крај своите огништа.

„Времето надвор е нависитна студено и повеќе ќе бидеме пред огнот дома. Сега излеговме да ја видиме Бадниковата поворка во Делчево и потоа ќе се вратиме назад. Ладното време не дозволува повеќе, велат граѓаните.

Замрзнувањето на реката Брегалнца, како што велат риболовците, ќе влијае на животинскиот свет во реката. Додадоа дека поради ниската температура на водата и мразот на површината, тоа негативно ќе влијаат врз животинскиот свет, но сепак без поголеми последици. Во моментот температурата на воздухот на крајниот Исток се уште е под нулата, Во Делчево се измерени минус 3 степени, додека во Берово е нешто постудено со минус 5 степени Целсиусови.