Китанов: Автопатот Штип – Миладиновци ќе се пушти за 10 – 15 дена

„Автопатот Штип–Миладиновци ќе биде пуштен за 10–15 дена“, најави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, кој денеска заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески изврши увид во реконструкцијата на
регионалниот пат Пробиштип–Злетово.

„Од изведувачот „Синхидро“ добивме известување на 19 декември дека автопатот е готов, но повторувам којзнае по кој пат дека бевме во инспекција и видовме дека еден дел од сервисните патишта и што е поважно за безбедноста на учесниците во сообраќајот мрежите што се покрај автопатот не се завршени. Беа завршени 60 отсто, а 40 отсто не беа завршени и затоа дадовме налог кинескиот изведувач „Синохидро“ да си ги заврши. На мое и на ваше задоволство можам да кажам дека направив увид на некаде десетина километри во моментов не е завршена мрежата и ако земете во обѕир дека некаде на еден километар на ден се поставува мрежа, значи за 10–15 дена ќе биде пуштен патот. На некои места ќе има времен сообраќаен режим, каде што ќе се прават клучките за помошните места, за сервисните патишта за граѓаните да си одат до своите парцели“, вели Китанов.

Тој најави дека за два–три месеци ќе почне и изградбата на патарините на автопатот Штип–Миладиновци, каде што на тие места ќе има и времен режим на сообраќај.