Тодоровиќ осомничен за проневера на над 430.000 евра за изградбата на мостот „Око“

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на општина Центар В.Т. и уште две лица М.Т., поранешен секретар во општината и Д.Р., вработен во Секторот за уредување градежно земјиште и заштита на животната средина во истата општина, поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата“.

Како што информира на денешната прес-конференција директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, станува збор за успешно реализиран случај од проектот „Скопје  2014“.

„По неколкумесечни истражни дејствија, прибирање и поткрепување на докази Управата успешно го реши случајот што се однесува на изведување градежни работи на пешачкиот мост на реката Вардар „Око“, рече Муареми.

Како што образложи началникот во Управата Сузана Петровска, тројцата пријавени при вршење на дискреционо овластување и со пропуштање на должен надзор несовесно постапиле во вршење на своите овластувања и должности на име ненаплатени две банкарски гаранции за даден аванс во износ од околу 8,77 милиони денари, како и ненаплатена една банкарска гаранција за навремено и квалитетно извршување на работите на износ од околу 17,88 милиони денари. Со тоа, додаде таа, пријавените го оштетиле буџетот на општина Центар во вкупен износ од 26,653.000 денари.

Согласно Договорот за јавна набавка што го склучил градоначалникот на општина Центар во септември 2009 година за изградба на пешачкиот мост на реката Вардар „Око“ со правниот субјект „Конструктор – инженеринг“ АД за градежништво Сплит во висина од околу 92 милиони денари, како и анексот на договорот со кој вредноста на договорот се зголемува на близу 120 милиони денари, објектот требало да почне да се гради во јули 2010, а рокот за извршување на работите бил 18 месеци, односно заклучно 27 јануари 2012 година.

Поради неисполнување на обврските од договорот, прекршување на рокот за изведување на работите, како и поради неквалитетно извршување на веќе изведените работи, во 2012 година општина Центар го раскинала договорот, а за довршување на работите за изградба на пешачкиот мост била спроведена нова постапка за јавна набавка и бил склучен договор со друг изведувач.

Директорот Муареми информира дека нанесената штета во вкупен износ од 26,6 милиони денари или приближно 433.389 евра пријавените лица се согласија да ја надоместат во целост за што добиле потврда и од општина Центар дека на 30 јуни оваа година паричните средства се вратени на буџетската сметка на општината.

 

 

ТВ24