„Македонијалек“: Утврдена помала техничка грешка при аплицирање на декларациите, МРП вакцините се со врвен квалитет

Сите МРП-вакцини од марката „Priorix“, кои ги дистрибуира „Македонијалек“, се со важечки рок и сигурни за користење. На вакциналните пунктови се дистрибуирани вакцини од две серии, едната со важност до мај 2019 година, а другата до јули 2019, соопштија од компанијата, која е увозник и дистрибутер на тие вакцини, а по извршената внатрешна контрола за проверка на наводите изнесени во јавноста за можно присуство на вакцини со поминат рок.

Од компанијата посочија дека при контролата е откриена помала техничка грешка што вработените ја направиле при аплицирање на декларациите. Имено, наведуваат од компанијата, кај мал дел од пакувањата се аплицирани старите декларации со датумот од претходниот увоз, односно октомври 2018.

Нашата компанија се извинува за овој пропуст и непријатностите што биле предизвикани. Овие пакувања веднаш се повлечени за да нема натамошни забуни во јавноста и соодветно ќе бидат заменети. Граѓаните може да бидат сигурни дека сите вакцини се со врвен квалитет и важечки рок. Горенаведената вакцина нашата компанија ја увезува од 2016 година и таа во континуитет, непрекинато се испорачува до здравствените установи со стандарден квалитет.

„Македонијалек“ стои на располагање за соработка со институциите за целосно расчистување на овој случај, истакнуваат од компанијата.