Македонија денеска прв пат со свое столче на масата на НАТО

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денеска и утре ќе ја застапува Македонија на министерскиот состанок на Алијансата, за прв пат како извесна идна членка на НАТО.

Ова е првиот состанок на членките на НАТО во 2019 година и прв состанок на кој Македонија ќе седне рамо до рамо со своите сојузнички од Алијансата откако беше потпишан пристапниот протокол за членство минатата недела.

„За прв пат ќе му посакаме добредојде на Скопје, на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, сега од Северна Македонија која има столче на нашата маса, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на вчерашната прес-конференција во Брисел на која ја најави агендата за овие два дена.

НАТО членките утре официјално ќе и посакаат добредојде на министерката Шекеринска, која околу единаесет часот ќе биде примена од страна на Столтенберг, неколку часа пред почетокот на првата сесија на Северноатлантскиот Совет.

Министерката планира повеќе билатерални средби со своите НАТО колеги за одбрана во текот на својата посета. Меѓу нив се средбите со министрите од Белгија, Велика Британија, Канада, Турција, Грција и други.

„Со учеството на министерката Шекеринска на состанокот на Северноатлантскиот совет, стануваме активен дел од Алијансата, а по процесот на целосна ратификација на пристапниот протокол, кој веќе заврши во грчкиот и во словенечкиот Парламент, и официјално ќе имаме право на глас на сите состаноци на НАТО, најавија од кабинетот на министерката за одбрана.

Северноатлантскиот Совет треба вкупно да одржи четири сесии утре и задутре.

Главни теми на разговор, освен зачленувањето на Македонија во Алијансата, се големите безбедносни и одбранбени предизвици кои се исправени пред НАТО членките овој период. Најголема загриженост предизвикува нуклеарниот договор за ракети од среден дострел, или ИНФ, кој САД одлучи да го напушти поради тоа што Русија не ги почитува дадените ветувања, повтори Столтенберг.

Русија развива забрането оружје, според НАТО членки, кое за многу кус рок може да ја загрози безбедноста на европскиот континент.

НАТО членките утре ќе ја повикаат Русија уште еднаш да се усогласи со повелбата и да се откаже од забранетите ракети.

„Сите сојузници се загрижени поради овој факт, ИНФ е темел на европската безбедноста и е навистина во опасност, итно ја повикуваме Русија да се усогласи во договорот, но истовремено се подготвуваме за свет во без ИНФ и со повеќе руски ракети, рече генералниот секретар на вчерашната прес-конференција.

Друга „жешка“ тема на дебата на утрешниот состанок ќе биде „споделувањето на товарот“ во трошоците на одбрана, тема која им е посебно важна на САД, кои бараат најдоцна до 2024 другите сојузници да ја постигнат стапката од два отсто од БДП за одбраната. Освен финансиските средства, тука спаѓаат и воените капацитети како и учеството во мисиите на Алијансата. Македонија е далеку од оваа цел, но е посветена да ја постигне стапката навремено, повторија македонските министри повеќепати.

Вториот ден од состанокот ќе им биде посветен на воените мисии и на соработката со ЕУ.

Во делот за мисиите, министрите ќе разговараат за Авганистан, Ирак и Косово. За Косово не е исклучено земјите членки да побараат мислење од македонската министерка, како близок сосед и познавач на состојбите.

Разговорите со ЕУ ќе се одвиваат во присуство на високата претставничка за надворешни работи на Унијата, Федерика Могерини. Генералниот секретар ќе ги потсети и Могерини и европските министри дека создавањето на одвоена европска одбрана треба да го надополни НАТО, а не да му биде конкурент.