Медиумската писменост – најмоќна алатка против дезинформациите и лажните вести

По напливот на лажни вести и нивното влијание особено врз демократските процеси во општествата, се почести се повиците за потреба од нивно препознавање, соголување и демистификација на нивните креатори и целите кои стојат зад нив.

За експертската и стручната јавност клучната улога во разобличувањето на лажните вести ја има медиумската писменост, а се почести се и барањата за воведување предмет по медиумска писменост во образовниот процес.

Што е медиумска писменост и улогата на АВМУ

Концептот медиумска писменост е вграден во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 2013 година, а една од доделените надлежности на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) – независното регулаторно тело за медиуми, е да ја поттикнува медиумската писменост.

Во Законот нема дефиниција за тоа што се подразбира под медиумска писменост, па Агенцијата по донесувањето на Законот го следела концептот на Европската комисија.

Уште од првата студија за критериумите за проценка на нивоата на медиумска писменост, изработена за потребите на Европската комисија, се вели дека медиумската писменост била дефинирана како збир од поединечни компетенции (техничка, когнитивна и партиципативна) и фактори од опкружувањето (како што се законите и медиумското образование), како контекстуални фактори кои влијаат врз развојот на вештините од областа на медиумската писменост.

Основата на сите дефиниции биле способноста за пристап до медиумите (во најширока смисла), разбирањето на содржините, способноста за анализа и критичка оценка на различните медиуми и медиумски содржини, како и способноста за создавање комуникациски содржини во различни контексти.

Се посочува дека денес медиумската писменост се почесто се препознава како збир од способности кои придонесуваат во борбата против појави како што се дезинформациите и пропагандата, кибер-насилството и следењето, и кои овозможуваат подобра употреба на технологијата.

Ваквото сфаќање го наметнале промените во светот, медиумските трендови и технологиите кои се одразуваат врз начинот на кој луѓето комуницираат со медиумите.

Се потенцира дека многу луѓе не ги стекнуваат вештините кои им се потребни за да можат да ги оценат вестите, да ја разберат пропагандата, да го препознаат рекламирањето или соодветно да реагираат на содржините со говор на омраза.

Бидејќи живееме во сосема нов медиумски еко-систем и сите треба да научиме како да егзистираме во него за да ги искористиме придобивките од употребата на медиумите, Агенцијата во Политиката за медиумска писменост, усвоена во март оваа година, презентира нова визија за медиумската писменост, која не е само збир од вештини што треба да се стекнат, туку и одреден број на подлабоки лични ставови и приоди кои
треба да се развијат.

Новиот пристап е структуриран во четири различни компоненти/компетенции што треба да се развијат: критичка свесност, свест за емоциите, дигитална добросостојба и полноправно граѓанство.

Според Агенцијата, и понатаму јадро на медиумската писменост е критичкото мислење.

Сепак, велат дека за да се разбере една медиумска порака, веќе не е доволно човекот само критички да ја прочита информацијата, ниту пак, само да изгради рационален капацитет за да ја анализира медиумската порака.

Наместо тоа, потребно е да се примени квалитативно размислување како личен став и цврсти вредности (како што се интегритет, етика, емпатија и праведност) како клуч за читање на пораките.

„За да живееме подобро со медиумите, од суштинско значење е да станеме свесни за тоа што правиме и како се однесуваме на интернет. Способноста да го набљудуваме нашето сопствено однесување е првиот чекор кон сузбивање на негативните појави“, велат од АВМУ.

За Агенцијата, медиумската писменост е доживотен потфат.

Тие работат на оваа проблематика и самостојно и во соработка со членките на Мрежата за медиумска писменост и со други релевантни субјекти.

Според нив, мора да се сфати оти различните активности за поттикнување на медиумската писменост ќе покажат резултати само ако се работи заеднички и
координирано, почнувајќи од образовниот процес, па понатаму.

Сметаат дека зголеменото ниво на медиумска писменост на граѓаните ќе ги зголеми и професионалните стандарди кај медиумите.

Една од последните активности на Агенцијата, која се уште не е јавно промовирана се
изработените упатства за граѓаните токму за тоа како да препознаат лажни вести.

Владина иницијатива за справување со лажните вести и дезинформациите

За справување со дезинформациите и Владата излезе со Предлог акциски план, а во изработката на неговата финална верзија нагласи дека се предвидува да се земат предвид мислењата на сите чинители во општеството – граѓанскиот сектор, медиумите, вклучувајќи ги и стратешките партнери – НАТО и ЕУ.

Предлог акцискиот план е сублимат на препораките во борбата со дезинформациите по примерот на мерките на ЕК, Советот на Европа, секторот за комуникации на НАТО, соработката за професионализација на комуникациите со Британската амбасада, со УСАИД, со Европската мрежа за дигитална комуникација и други.

Со него се предвидува и започнување процес на креирање национална стратегија за медиумска писменост во чии рамки ќе бидат опфатени и активности на институции, медиуми и граѓанскиот сектор, како и за вклучување на медиумската писменост во
образовниот процес.

„Дезинформациите се еден од главните предизвици за демократијата во 2019 година и алатка за манипулација со граѓаните. Злоупотребата на технологијата за креирање лажни ентитети и непостоечки измислени случувања станаа сериозен упад во демократските и изборните процеси и сериозно се закануваат да влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите“, изјави премиерот Зоран Заев при
презентацијата на Предлог акцискиот план.

Тој додаде дека земјава во изминатите две години во повеќе наврати се соочила со масовно ширење дезинформации на социјалните мрежи и на традиционалните медиуми, а, како што рече, дел од информациите биле споделувани и од територии на други држави.

„Како одговор на овие сајбер закани и согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност Владата работи на Акциски план за справување со дезинформациите на системско ниво. Наша цел е да ја зајакнеме националната безбедност и сигурноста на граѓаните на нашата земја и да ја браниме и унапредуваме демократијата“, рече Заев.

Планот се состои од два дела, во првиот се опфатени безбедносни мерки кои се однесуваат на протоколите во комуницирањето на институциите, а во вториот проактивни мерки, со кои меѓу другото се предвидува и формирање Акциска група за борба против дезинформациите со учество на претставници од релевантни институции.

Таа ќе спроведува едукативна кампања за штетното влијание на дезинформациите, ќе соработува со организации кои се бават со проверка на фактите и водат регистар на
изворите кои шират дезинформации, а ќе поттикне и дебата за утврдување медиумски стандарди за интернет-порталите согласно Препораките на ЕК и СЕ.

Предлог акцискиот план наиде на критики од опозицијата, но и од медиумските организации.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Предлог акцискиот план беше оценет како обид на Владата да воведе цензура на медиумите.

Новинарските здруженија за лажните вести

Од ЗНМ пак, сметаат дека предлог мерките не се јасно искажани и оставаат можност да се толкуваат како обид за ограничување на слободата на изразување.

Особено имаат забелешки на дел од проактивните мерки,„кои имплицираат на платени кампањи во приватните медиуми, најавата за корегулација, воведување на критериуми за акредитирање на медиуми кои ќе имаат право да ги следат владините
настани во согласност со стандардите на новинарската професија како и формирање на акциска група за борба на дезинформации со проблематичен состав и улога“.

„Доколку сака да сузбие лажни вести, Владата може и треба да поработи во сопствениот двор, а нема никакви законски овластувања да контролира вести објавени од медиумите и самата таа да ги оценува дали се лажни или не, зависно од тоа дали одговараат на потребите на владата или не“, сметаат од МАН.

„Доколку некоја вест е лажна, во Македонија постои закон за навреда и клевета и лажно информирање кој е во сила и за што оценка дава надлежен орган – Суд. Владата нема ингеренции ниту смее да биде судија наместо Судот. Информациите ги произведуваат комерцијални медиуми (освен јавниот сервис) и тие имаат правна, економска и пазарна одговорност за своето работење. Јавноста одбира кој ја има довербата, а кој не“, е ставот на МАН.

Ставот на СЕММ

Катарина Синадиновска од Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) вели суштински е важно секој човек, а особено младите да знаат кои се медиумските опасности со кои е преплавен просторот што порано беше наменет првенствено за информирање, а денес за влијание, реклама, пропаганда…

„Ние како Совет сериозно ја поддржуваме темата за воведување часови за медиумска писменост во рамките на задолжителното образование. Оваа тема е прилично нова и за државите со многу поголема медиумска култура и демократска традиција од нашата. Но, токму општествата како македонското треба да бидат најгласни во ваквите иницијативи поради аномалиите поврзани со состојбата на медиумите, релацијата помеѓу медиумите, центрите на моќ и граѓаните и состојбата со слободата на говор, воопшто“, вели Синадиновска.

Таа потсетува на искуството во САД, каде пред неколку години, кога неколкумина сенатори во државата Калифорнија побарале воведување закон за задолжителни часови по медиумска писменост, излегле со податоци дека дури 82 проценти од средношколците не знаеле да направат разлика помеѓу реклама и вест.

„Ако во американското општество, со една толкава медиумска традиција, состојбата е таква, можете да замислите како е во Македонија. Досега не сме виделе анкети на оваа тема, но доволно е да ги видиме податоците за функционална писменост и ПИСА-тестовите за да размислиме и да направиме паралела. Затоа, но и дополнително со оглед на пристапот на децата до интернет и слободата во поседување паметни телефони, сметам дека овие часови треба да се воведат уште во основното училиште“, вели Синадинова.

Претставници од Советот за етика, досега неколкупати имале отворени разговори на оваа тема со неколкумина ресорни министри и од тие разговори, посочува таа, може да се заклучи дека Владата е сосема заинтересирана за оваа идеја, која, се разбира, мора сериозно да се разработи на повеќе нивоа.

Паралелно со ова, додава, мора да се работи на подигнување на стандардите во самата новинарска професија, иницијатива што заедно со ЗНМ и ССНМ веќе ја поттикнале, а се однесува на критериуми за функционирање на интернет-порталите, сфера каде што најмногу се крши новинарскиот Кодекс.

„Прашањето е комплексно и оттука таков мора да биде и пристапот – и наш како новинарски здруженија и на сите колеги како професионалци, но и на медиумите како фирми и нивните сопственици кои мора да се свесни за општествената одговорност“, заклучува Синадинова.