Меркел во Атина, го носи и Договорот од Преспа

Под силни безбедносни мерки, со закажани протести, но и забрана за собири, со средби со грчкиот државен врв и веројатно со Договорот од Преспа меѓу темите на агендата, германската канцеларка Ангела Меркел денеска пристигнува во посета на Атина.

Во попладневните часови, ќе сретне со премиерот на Грција, Алексис Ципрас, по што ќе следи прес конференција, додека пак утре, откако ќе положи цвеќе на споменикот на Незнајниот јунак пред грчкиот Парламент, ќе биде примена и од грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.

Во резиденцијата на германскиот амбасадор во Атина утре напладне, Меркел ќе оствари средба и со лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.

Според грчките медиуми, веројатно е дека на средбите на германската канцеларка во грчката престолнина, една од темите ќе биде и Договорот од Преспа.

За поддршката на Меркел на Договорот од Преспа пак, грчкиот премиер истакна дека „секој логичен човек во Европа ќе го поддржи договорот“.

Посетата на Меркел на Атина ќе биде под драконски безбедносни мерки, со ангажирани над 2000 полицајци од сите служби на грчката полиција. Паралелно анархистички групи и организации, левичарски вон парламентарни партии и Златна зора за попладнево закажаа одвоени протести, во различни делови на центарот на Атина против посетата на Меркел.

Од грчката полиција донесоа одлука да се забранат протести, но местото каде што е закажан собирот на анархистичките и левичарските групи не е во „забранетата зона“.

Единствено нема да можат да стигнат до грчкиот Парламент.