Мицкоски: Не очекувам други наши пратеници да гласаат „за“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не очекува други пратеници од партијата да гласаат „за“. Ќе следат последни обиди за договор со Беса. Премиерот Заев е сѐ уште е во потрага по еден пратеник за да обезбеди двотретинско мнозинство за усвојување на уставните измени, откако вчера Беса излезе со дефинитивен став дека нејзините двајца пратеници нема да гласаат ако не бидат исполнети нивните барања.

ВМРО-ДПМНЕ останува на претходно кажаните ставови и не очекува други пратеници да ги прифатат уставните измени за промена на името, изјави за Дојче веле Мицкоски, одговарајќи на прашањето дали постои ли можност пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да ги надоместат гласовите кои се доведени во прашање со условите на Беса.

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, вчера кој сугерираше дека е сега е моментот пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени, со цел Заев да не прави нови отстапки во Договорот со Грција под притисок на Беса.

Мицкоски вели дека за него лично „е неприфатливо таквото пазарџиско однесување, особено не преку медиуми, за така чувствителни прашања“.

„Пандорината кутија во овој процес ја отвори Зоран Заев и препорачувам од него да се бараат одговори за ваквата ситуација, а не од ВМРО-ДПМНЕ. Веројатно, Заев од премногу дриблање почнува да си дава и автоголови и да праќа посредници, што само ја покажува неефикасноста на целиот процес и неприродниот и насилен начин на кој сака да дојде до целта“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа, не ја исклучува опцијата дека Заев има и други цели во текот на овој процес.

„Свесен дека драматично губи кај македонскиот електорат, не исклучувам ваквото јавно пазарење со некакви нови политички барања да биде дел од процес каде премиерот би сакал да капитализира кај Албанците и тоа преку демагогија, а не преку конкретни решенија за подобар живот. Едноставно, сите знаат дека човекот се занимава со уцени и пазарења, и нормално е да пробуваат да земат и бараат повеќе од него“, смета Мицкоски.