Могерини и Хан со честитки за уставните измени изгласани од Собранието

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, први се огласија по гласањето за уставните измени во македонското Собрание вечерва, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во име на Европската унија, Могерини и Хан „со цело срце“ му честитаат на Собранието за „круцијалниот чекор кон имплементација на Преспанскиот Договор.“

„Политичките лидери и граѓани ја покажаа својата одлучност да ја зграпчат оваа уникатна историска прилика за решавање на еден од најстарите спорови во регионот и одлучно да се движат напред на патот кон ЕУ, пососчуваат Могерини и Хан.

ЕУ, велат тие, силно го поддржува договорот од Преспа кој „поставува пример за помирување за регионот и за цела Европа“.

„Додека ги чекаме следните чекори кои водат до целосна имплементација на Преспанскиот Договор, ЕУ останува цврсто посветена да продолжи да ја придружува и поддржува земјата во заедничката цел на ЕУ интеграција, напишаа Хан и Могерини.