Молчете професорке, не зборувајте за право и правдина

Луѓето, многу често, лесно ги сфаќаат поимите право и неправда иако немаат јасна слика за нивното вистинско значење ниту се во согласност со нивните дефиниции.

Правдата претставува вредносно начело за распределба кое одредува колку добра и колку товар, односно права и обврски, треба да им се дадат на субјектите во општествените односи. Правдата е, исто така, и концепт на правично и морално постапување кон сите лица.

Иако, ниту во законите не постојат договорени дефиниции за правда и неправда, тие два поими редовно се употребуваат во текот на разни расправи и говори. Освен тоа, овие поими често имаат конотација која доведува до емоционални одговори и реакции…

На Велики Петок, на Фејсбук профилот на кандидатот за претседател, професорката Гордана Силјановска Давкова, осамна текст: „Јас во моментов се чувствувам како да го носам најтешкиот крст. По патот сум плукана и навредувана од сите на кои не им одговара во демократска Македонија да има владеење на правото“.

Професорке, вие го напишавте ова? Вие говорите за владеење на правото?

Минавме еден тежок период, период од кој уште многу време ќе треба да закрепнуваме, а вие молчевте и сеуште молчите за тоа, не кажувате ниту еден единствен збор, за „тоа време“.

А, не можеш да молчиш, велиш во рекламите, оти демек таков ти бил генот и карактерот….

Кога апсеа за се и сешто, па и за ништо, вие молчевте. Кога неправедно ни земаа пари, или неправедно им доделуваа пари на воени злосторници, вие молчевте. Кога ни ја забрануваа слободата на говорот вие, исто така, молчевте. Молчевте и кога не понижуваа и дискриминираа.

Не го кренавте вашиот глас и не се спротивставивте на неправдата. Не се спротивставивте на сите пориви кои го оптеретуваа нашето општество. Не се спротивставивте на оние кои на разни начини сакаа да ја поткопаат нашата држава. Неправдата секојдневно ви поминуваше пред очи, а вие не се спротивставивте на неа, на лажењата и подметнувањата.

Вие сте интелектуалец, универзитетски професор, човек кој би требало да има барем малку чувствителност за случувањата во општеството и положбата на малиот човек.

Но вашето срце очигледно е премало, а егото преголемо за да се занимавате со обичниот човек…

Важеа ли тогаш за вас уставот и законите, и правото и правдата?

Не знам што требаше уште да се случи за да престанете да седите со скрстени раце?

Што навистина се случуваше и се случува со вас?

Не постои оправдување за злото кое го сторија Никола Груевски и братучед му Сашо Мијалков, но ниту за она кое го направија нивните следбеници-злосторници.

Тие имаа некој свој систем на работа, систем без „спреги и кочници“ помеѓу законодавната, извршната и судската власт. Токму таквиот систем низ монтирани политички судски процеси стави многу невини луѓе зад решетки. Бев еден од нив.

Политичките елити во „тоа време“ ги заробија демократските процеси, нивното време на владеење беше обележано со корупција и партиски клиентелизам. Или тогаш не живеевте во Македонија.

Меѓуетничките односи станаа кревки, а граѓаните беа исклучени од процесите на донесување одлуки. Народниот суверенитет, и покрај уставните гаранции, остана повеќе формална, отколку суштинска категорија, или и за ова не знаете ништо.

Бевте на нивна страна за да не се замерите со нив и за да не го загрозите својот комидитет.

Не знам дали знаете, но кој ќе влезе во канџите на криминалните структури ги губи сите квалитети. Не можете да побегнете од тоа.

Со сиот мој респект кон вас, како универзитетски професор и жена пред се, добивам впечаток дека вие не сте противкандидат. Имам чувство дека сте само претставник на злосторничкото здружение против Македонија.

Драга професорке, ако не учествуваме во судирот помеѓу моќните и немоќните, ги помагаме моќните. Не треба да бидеме толерантни само кога од другата страна ни се нетолерантни авторитaрни типови.

Ништо нема да постигнеме помирувајќи се со наметнатата судбина. Таа, судбината, е во наши раце.

За вас велат добра е, има добра душа… И не го порекнувам тоа. Но, не е тешко човек да биде добар, тешко е да биде праведен. Без чувство за правда ниту еден водач не може да командува.

Кога на многумина им беше најтешко вие молчевте, не говоревте, не укажувавте на проблемите. Молчевте за граѓаните кои секојдневно доживуваа неправда и на кои секој ден им се одземаше по едно делче од достоинството.

Не барајте да се соочите со вашиот политички противкандидат, професорот Стево Пендаровски. Не требаше ниту еднаш да полемизирате со него. Требаше да се соочите со нас, или со дел од нас, од политички монтираните случаи.

Не ја сакавте и сега не ја сакате таа одговорност јавно да проговорите за нас, нашите проблеми и нашите животи. Ние бевме и сме несакана тема, грозна глетка од кој ви се отргнуваше погледот. А требаше да не се симнувате од малите екрани и да бидете постојано присутни по весниците.

Нашата борба за преживување не ви беше толку интересна како борбата на натпреварувачите во емисијата „Сурвајвер“.

Зоран Костадиновски и Џевдет Коџа, веројатно, не ви значат ништо. Но, за мене, и едниот и другиот значат многу.

Јас имав среќа да се справам со злото, ама тие немаа. Злосторниците што се рамо до рамо до вас им ги уништија животите. Си умреа луѓето од мака. Едниот не беше стасал до педесеттата, а другиот имаше едвај триесет, триесет и нешто. Ете такви беа тие што стојат зад вашата кандидатура.

Туку, тој што нанесува неправда понесреќен е од оној што ја трпи.

Убаво е да го спречуваш оној којшто нанесува неправда, а ако тоа не е возможно, барем не учествувај во нанесувањето неправда.

Драга професорке, сега, ни срам ни перде, зборувате за политизирано и партизирано судство, а токму тие што се сега до вас го срушија темелот на правото и правдината

Не се осмелувавте тогаш да се смени нешто, но затоа ги осудувате сега оние другите подготвени да сменат. Не ја сакавте таа одговорност јавно да проговорите за нас, нашите проблеми и нашите животи. Молчевте за нас „малите“. Токму тоа е она потресното.

Но, ние „малите“ имавме доволно храброст и доволно памет сами да застанеме во своја одбрана и сами да кажеме што чини, а што не чини во оваа наша држава. А ќе бидеме, како што тргнало, уште погласни и уште поупорни затоа што треба да допреме до секој кој што чини неправда или дели селективна правда.

Молчевте тогаш, молчите сега и, уверен сум, ако бидете претседател ќе молчите и во иднина. А, молчењето е зло, драга професорке.

Македонија во единаесетгодишното владеење на Груевски и фамилијата беше опасно место за живеење, не заради луѓето кои се зли, туку заради луѓето кои ништо не превземаа.

Уште Данте Алигиери предупредуваше дека „најмрачните кругови на пеколот се резервирани за оние кои во времето на морална криза остануваат неутрални и воздржани“.

Кажете ми дали не е така? Кажете ми ако лажам?

Не ги учете, ве молам, студентите на неискреност, полтронство и лицемерие…

Професорке, знам дека неправдата е составен дел од животот но не можам да гледам на неа како нешто сосем вообичаено. Јас не сум камен да молчам, мирно да гледам на неа, да свртувам глава од неа. Не молчам затоа што молчењето не влече кон дното.

За животот да има смисла, ние мораме да бидеме свои господари, а не творби на туѓи проекти, намери и желби. Треба да ја менуваваме својата состојба менувајќи се себе си и менувајќи го својот однос кон светот во кој живееме. Атрибутот на слободен граѓанин може да биде загарантиран само ако се ослободиме од конформизам и страв.

Грчкиот историчар Тукидид запишал: Тајната на слободата е храброста. Или ќе бидеме слободни или ќе молчиме. Двете работи не можат да се имаат…

Јас… јас, професорке, ќе се борам до крај.

Во својата работа, а и во затворот, се изнагледав човечки страдања, болести и сиромаштија. И затоа никогаш нема да ја наведнам главата пред неправдата. Никогаш нема да го направам ова што вие сега го правите.

Можев, професорке, да имам не еден или два фри-шопа, туку на секој граничен премин по еден, можев да имам не куќа, туку зграда… и не една, туку две. А, пак, автомобили…за секој ден во неделата по еден. Можев да си ја накривам капата и да си свирам среде парк… Се можев да имам, ако молчев. Ама го одбрав она кое вие немавте сила да го сторите, говорев јасно и гласно и пишував уште помоќно.

Нема посилен човек од оној којшто го сака правото и правдината. Тој и ќе загине, а овие две работи нема да даде да се погазат. Ништо нема да постигнеме помирувајќи се со наметнатата судбина. Таа е во наши раце.

Правото не може да се добие ниту со плаќење ниту со молитва, туку со борба. Ако ние не ја сочуваме правдата, правдата нема да не сочува нас. А неправдата сторена на само еден човек е закана за сите.

За да може човекот достоинствено да живее мора да го победи стравот. Некои работи, професорке, се решаваат со еволуција, а некои мораат со револуција, затоа што кога неправдата станува закон, побуната станува обврска…

Верувам во тоа дека за животот да има смисла, ние мораме да бидеме свои господари, а не творби на туѓи проекти, намери и желби. Затоа од двете работи, јас одбрав да бидеме слободни. А што одбравте вие?

Меѓу другото, се обидувате да се потсмеватe и да манипулиратe со „нема правда-нема мир“.

Се обидуватe да ја испоганите Шарената револуција, онаа што во целост ги порази вашите политички ментори и поддржувачи на секаков план – и на политички, и на етнички, и етички…

Тој пораз, професорке, ги пече и ги боли вашите пријатели, и ќе ги пече и боли уште многу време во иднина. Со години. Знаете зошто?

Затоа што Македонија е шарена, а тие ја сакаа чиста. Затоа што создаваа поделби и омраза, а Шарената ги обедини различностите и покажа дека можеме да се бориме за исти цели, и го покажа единствениот возможен пат кон заедничката иднина на нашата земја.

А тие тоа ниту го чувствуваа, ниту пак го разбираа. Ниту, пак, вие сега го разбирате тоа.

На крајот од срце ви порачувам: Не се валкајте во туѓо блато и работете според својата совест.

Новиот претседател не може да биде некој со товарите на Ѓорѓе Иванов, како што не може да биде ни некој од симболите на времето на поранешниот премиер Никола Груевски.

Некогаш, драга професорке, можеби и ќе се покаете заради молчењето за Груевски и груевизмот и жртвите од нив, па и за ова сега, да се фатите на оро со него…

Ама, како велат, од задоцнето каење нема полза.