Невреме во Европа: Во Австрија снегот зароби германски средношколци

Воени хелихоптери евакуираа денеска германски средношколци кои дошле на зимски одмор во Австрија, но кои речиси една недела беа заробени во хотел поради рекорните врнежи од снег во земјата.

Австриската војска соопшти дека испратила два хелихоптера да евакуираат 66 ученици и наставници од скијачкиот центар Касберг кај Гринау во централна Австрија каде што стигнаа во саботата.

Касберг, како и други австриски ски центри се затворени неколку денови поради постоење ризик од лавини или поради прекин на струја.

Средношколците и покрај лошата среќа што се однесува до снегот биле расположени и времето го исполнувале со друштвени игри, затоа што немало струја за телефони или телевизија, пренесуваат медиумите.

До три метри снег, на некои места и повеќе, падна од минатиот четврток до сега во западна и централна Австрија. Ски лифтовите во скијачкиот центар Лозер во Штаерска, што е на 1.500 метри надморска височина, потполно исчезнаа по петметарскиот снег.

Околу 500 војници беа на терен денеска за да ги ослободат покривите и патиштата во местата каде што ситуацијата е најкритична. Уште илјада војници се во приправност, подготвени да интервенираат во случај на потреба, соопштија од австриската влада.

Исто така, спроведени се итни операции за евакуација на население од места блокирани од снегот повеќе денови.

Војската, пожарникари и екипи на цивилната заштита сакаат да го искористат денешното смирување на временските прилики да интервенираат пред најавените нови врнежи во текот на викендов.

Ризикот од лавини и понатаму е доста висок заради што жителите на некои делови од Инсбрук се предупредени да ги заштитат вратите и прозорците на своите куќи.

Невремето го погодува и југот на Германија каде што војската, исто така, е повикана како засилување за операциите за чистење на снегот и евакуација.

Повеќе возачи ја минаа ноќта во своите возила на автопатот А8 југоисточно од Минхен поред да биде повторно воспоставен сообраќајот рано утринава.

Како и другите места во регионот познатиот ски центар Гармиш Партеркирхен во Баварска прогласи состојба на природна катастрофа. Едно деветгодишно дете загина вчера кога врз него се сруши дрво кое попушти под товар на снегот.