Николовски: Исплатата на субвенциите непречена, го стимулираме производството на тутун

„До петок сите македонски тутунопроизводители ќе ги добијат субвенциите за ланската реколта тутун. Исплатата почна вчера, ден порано од лани и тутунарите ќе имаат средства за планирање на новата реколта“, рече Љупчо Николовкси, министер за земјоделство при денешната посета на Прилеп за средби со граѓаните, тутунарите и во прилепскиот тутунски комбинат.

„Тутунот е значаен за овој регион и за целата држава зашто е една од стратегијски извозно ориентирани гранки во земјоделството која обезбедува огромен девизен прилив. Лани субвенциите беа ислатени на 17, а годинава на 16 април. Навремено беа обработени податоците и списоците од откупните претпријатија. Откупната компанија „Далија“ која доцнеше со списоците, вчера ги достави, тие се обработени, станува збор за 480 тутунопроизводители и до петок ќе бидат и тие исплатени. Имавме стабилен откуп. Откупени се повеќе од 25 000 тони по просечна цена од 214,2 денари за килограм, а платени се над 5,4 милијарди денари. Од овие откупени количества тутун, над 21 000 тони се во прва и втора класа, што значи над 90 насто тутунопроизводители добиваат зголемени субвенции за прва и за втора класа од 80, односно 70 денари за килограм. Инаку, близу 8 000 тони се прва,13,3 илјади тони се втора и над 3 000 тони се трета класа. Тоа значи се неколку милиони денари повеќе средства што ги издвојува владата за оваа стратегиска земјоделска култура“, рече
Николовски.

Според Николовски, навреме, лани, е направена методологијата за исплата на субвенциите за текот на отоворањето на поглавјата за преговорите со ЕУ.

„За нас е битна гранка и во текот на преговорите, поглавјата што ги отвораме со ЕУ. Државата навреме, лани го промени системот на субвенционирање, за сега, со почетокот на преговорите, да биде една од темите и една од гранките која сакаме да ја заштитиме и да ја задржиме традицијата зашто околу 30 000 семејства се занимаваат сотутунопроизводство. Затоа правиме се да има сигурен и стабилен откуп
како и исплата на субвенции“, изјави Николоски.

Во министерството се анализираат евидентните листови за оваа реколта, последни зашто е донесен Законот за тутун.

„Паралелно, Парламентот го донесе Законот за тутун како пример на партнерскиот однос помеѓу владата, откупувачите и тутунопроизводителите. Од 2020 година целосно се укинуваат евидентните листови, се поедноставуваат административните постапки за тутунарите и директно ќе склучуваат договоори со откупувачите и ќе се отвораат откупни пунктови за време на откупот. Се уште се обработуваат податоците за евидентните листови за оваа година и досега се околу 32 000“, рече Николовски.

Инаку за општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени се издадени 8 513 евидентни листови и факт е дека се зголемени површините за 500 хектари, зашто лани беа повеќе евидентни листови, но помалку површини засадени со тутун.