Нов обид за одржување на седница за уставни измени

Пратениците денеска точно напладне би требало да ја одржат 75-тата седница на која треба да се расправа за уставните измени за промена на името на државата.

Седницата вчера по неколкуте обиди да почне и по неколкуте презакажувања, не се одржа.

Вчера премиерот Зоран Заев имаше координативните состаноци со Биљаљ Касами од Беса и со пратеничката група составена од осумте независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Неофицијално, на средбата меѓу Заев и Касами бил направен обид за договор по предлогот на лидерот на Беса наместо терминот „македонско“, во документите на албански јазик да пишува „од Македонија/граѓанин на Република Северна Македонија“, односно да се разграничи државјанството од етничката припадност кој пак предлог не е прифатлив за осумте независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

За усвојување на уставните амандмани во Собранието потребно е двотретинско мнозинство.