Падна продажбата на паметните телефони

Глобалниот пазар на паметни телефони во 2018 година забележа годишен пад, информираше Си-Ен-Ен, додавајќи дека двата најголеми играчи во таа индустрија, Епл и Самсунг, претрпеле силни удари. И Епл и Самсунг известија за падот на приодажбата во последниот квартал во 2018 година, додека јужнокорејскиот конкурент на Самсунг, ЛГ Електроникс, најави помала оперативна добивка за дури 80 отсто во истиот период една година пред тоа.

Според прелиминарните прогнози на консултантската куѓа „Каналис и Каунтерпоинт Рисерч“, продажбата на смартфоните во светот лани падна за околу 1,0 отсто, додека другата компанија за истражување на пазарите, ИДЦ, проценува дека тој пад е уште поголем и дека изнесува три проценти.

На тоа најповеќе допринеле движењата на најголемиот светски пазар на паметни телефони, во Кина, каде што продажбата бележи пад речиси две години, наведува Си-Ен-Ен.

Каналис“ проценува дека кинескиот пазар се намалил за околу 9,9 отсто во 2018 година поради забавувањето на стопанството, слабата валута и продолжениот трговски спор со САД.

Минатата година пазарот бил толку лош што ќе биде лесно 2019 година да биде подобра година“, рече Том Канг, директор за истражување во „Каунтерпоинт“.

Изгледите дека ќе има некакво големо подобрување во првото полугодие не се охрабрувачки, но во втората половина од годината можеме да очекуваме дека ситуацијата ќе се промени“, додаде тој.

Заздравувањето на тој пазар во 2019 година очекуваат и во ИДЦ, каде што предвидуваат раст на глобалната продажба за 2,6 отсто.

Стапката на глобалното заздравување на пазарот на паметни телефони, како што за Си-Ен-Ен вели аналитичарот Рајан Реит, ќе зависи од Кина „повеќе од било што друго“.

Аналитичарите и понатаму се надеваат дека кинескиот пазар повторно постепено ќе се воздигне, со оглед на тоа дека Вашингтон и Пекинг се обидуваат да постигнат договор за спорните трговски прашања, но барем засега „тмурните облаци“ се сеуште на хоризонтот, додава Си-Ен-Ен.

Со оглед на слабеењето на кинескиот пазар на смартфони, пазарните експерти своите оптимистички прогнози се темелат на очекувањата на посилен раст вклучувајќи ги Индија и Африка, каде што вкупно една милијарда луѓе и понатаму не поседуваат паметни телефони.

Тие пазари ќе продолжат да растат, зголемувајќи ја така големината на глобалниот пазар на паметни телефони“, вели аналитичарот на „Каналис“, Мо Џи, додавајќи дека светскиот пазар многу веројатно ќе се врати со исклучително мал раст во 2019 година.

Рамнотежата на силите во индустријата на смартфони, според проценките, во 2019 година дополнително може да се придвижи во корист на кинеските производители, како што се Сјаоми, Опо и Виво.

Сите три споменати компании, како и Хуавеј, ги зголемија своите пазарни удели во 2018 година после падот на продажбата од Епл и Самсунг.

Според податоците на ИДЦ, на крајот на третото тримесечје во 2018 година уделот на Самсунг на светскиот пазар изнесуваше 20,3 отсто, додека една година порано беше 22,1 отсто.

Хуавеј го претекна Епл, и на крајот на третиот квартал држеше 14,6 отсто од светскиот пазар во однос на 10,4 проценти една година пред тоа. Епл, пак, од друга страна, имаше удел од 13,2 отсто, што е за 0,8 процентни поени повеќе отколку една година пред тоа, но тој раст не му беше доволен да го задржи второто место во светот по продажба на паметни телефони.

Уделот на Сјаоми порасна на 9,5 отсто од нивото од 7,5 проценти, забележан во годината претходно, додека Опо својот дел од пазарниот колaч го зголеми на 8,4 отсто од 8,1 отсто во 2017 година.