Подигнато знамето на НАТО на јарболот пред Владата

Знамето на НАТО од денеска се вее пред зградата на македонската Влада, покрај државното, со што симболично се означува започнатиот процес на зачленување во Алијансата. Со интонирање на химната на НАТО, знамето на Алијансата беше подигнато на јарболот веднаш до државното знаме.

На церемонијата пред присутните гости, македонски официјални претставници, поранешни премиери, претставници од штабот на НАТО во земјава, амбасадори од земјите членки во овој сојуз, говореше премиерот Зоран Заев.

„Ова е нова станица во нашата историја, а најголемата заслуга е на граѓаните кои храбро исчекоривте  и ја побаравте иднината што ја заслужуваме, рече премиерот Зоран Заев на церемонијата. Тој за денешниот ден се заблагодари и сите претходни претседатели на државата, на пратениците, на АРМ, на новинарите за поддршката, на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас кои преговараа за Договорот кој го отвори патот на Македонија кон евроатлантските интеграции.

Исто така Заев се заблагодари на грчкиот премиер Алексис Ципрас за неговата одлучност и пријателство.