Покајание, од затвор спасение

Покајание – колку е тоа убав збор. Со покајанието се променува нашиот ум, го менуваме нашиот поглед на работите, го менуваме нашиот начин на размислување, нашето расположение, срцето и односот кон животот, поинаку гледаме на животот, стануваме нов човек. Покајанието значи препород, обновување на душата, како човек да го враќа времето наназад и да почнува одново, како да свртува нов лист во животот, сосем нов.

Секој жив човек некогаш направил некоја грешка или постапил на начин кој се чинел соодветен, но подоцна се покајал и зажалил за истото. Некогаш каењето е толку големо, што може да го прекине сонот и да ја уништи ноќта со претерано размислување за можните исходи ако не се постапило правилно…

Ние сме секогаш расеани и слаби, полни со завист и итрини и често еден за друг мислиме лошо. Се занимаваме со лоши помисли и секогаш сме потопени во помисли како во некоја длабока тиња.

Сепак, возможно е да го намалиш интензитетот на епизодите на каење со тоа што ќе се соочиш со грешките или со луѓето на кои сте им згрешиле и ќе се обидете да ги средите нештата.

Даниела Рангелова до неодамна „првата жена“ во ВМРО-ДПМНЕ се покаја. Таа го исфрли досега кажаното за политичките противници, за оние, само до пред неколку дена, предавниците од СДСМ.

Знаеш ли кутра Дани што навистина е покајание, што значи да се осознаат своите гревови? Знаеш ли што значи да се тагува поради своите грешки?

Тоа е, почитувана пратеничке, да се молиш на Господ да ти дарува преостанатото време од животот да го поминеш во мир и покајание. Покајанието е тага поврзана со надеж, болка, треперење на душата, на срцето заради тоа што сме, грижа поради нашета проклета состојба, поради она што секој го направил заради мали и големи грешки. Покајанието значи болка на душата, но слатка болка.

Сега сфати ли што впрочем си? Можеш ли да го сфатиш она што може да се сфати?

Дека некогаш значајната, голема и моќна Даниела Рангелова, денес е безначајна, мала и немоќна.

Знам Рангелова дека си човек, дека под облеката која ја носиш се крие тело. Но постои нешто што го очекував од тебе што можеше да го сториш и што требаше да го сториш. Чекав тоа да го направиш. Што е тоа?

Да се покаеш! Макар да се покаеш… за неправедно осудените, оние кои не беа на ваша страна, да се покаеш за злоделата врз оние кои мислеа поинаку од вас, за прогонот на стотици „предавници“. Не гледам дека се сложуваш со тоа.

Мојата душа е ранета. Во моите очи нема солзи, само воздивнувам, се мачам поради тоа што ми го направивте. И, заради тоа, треба да ми дојдеш на врата и да побараш прошка од мене. Да побараш прошка од моето семејство. Да побараш прошка и од семејствата на многу други.

Признај си ја барем својата грешка за она што ни го направивте. Не ги блокирај чувствата, напротив пушти ги да те обземат целосно, затоа што тие потсвесно ќе ја уништат твојата психа. Побарај да ти биде простено. Не очекувај односите да бидат којзне какви, но те уверувам дека самата прошка носи мир и ќе ти го олесни емотивниот багаж на твојот грб.

На овој начин ќе избегнеш влегување во нови грешки, кои подоцна можат да ти предизвикаат уште поголеми каења.

Не си светец, знам, но не видов дека го признаваш тоа што го правевте. Да има покајание се би било потполно поинаку.

Јас, искрено, добив чувство дека тагуваш само поради себе, дека ја сфати својата „мерка“. Ти можеби стално се молиш за да ти биде простено, но тоа секогаш ти се измолкнува. Ти бега покајувањето.

Мене, рака на срце, не ми е доволно што призна, не ми е доволно што сфати дека не си знаела што зборуваш до пред една година. Не ми е доволно што ја спозна вистината за она што се случило пред извесно време.

А, пред тоа… А, пред тоа колај било… Така!?

Извини ама не видов сласт на покајание во твоето срце. Сакам да видам дека тоа навистина го признаваш, дека се спушти од небо на земја.

Видов дека си крајно себична, дека си непоправлива, дека не сакаш да попуштиш, дека си потполно тврдоглава, дека постои голема гордост во она што го говореше, во она што мислеше, во она што го работеше.

Ти, ти со поглед разжалуваше, не мислеше на зборовите кои ги изговоруваше, не мислеше како тие одекнуваат во другите. Инсистираше да биде по твое, не се каеше.Твоето срце не ги прифаќаше оние што мислеа поинаку од тебе, секогаш беше тврдокорно, и секогаш беше непоколебливо во твоите одлуки и движења.

Дани, Господ ни го дал зборот за општење еден со друг, а ние го свртуваме против себе самите. Истрескај глупости за некого па после демек покај се. Е, не…, Не оди тоа така.

Знаеш, ниту еден збор не исчезнува, туку останува. Секоја лага, секој лажлив и лицемерен збор не исчезнува во воздухот, без трага, како што се чини. Зборовите сите до еден се зачувуваат како во некое депо длабоко под земја, во некој невидлив магацин или ризница.

Не требаше така да постапуваш, направи голема грешка…Но, тоа е тоа, нема назад, нема враќање. Треба да си ја вратиш довербата. Ако ја имаше, се разбира.

Прифати дека си онаа која што си, грешна си. Никогаш немој да заборавиш дека не си совршена, дека направи многу грешки и дека ги знаеш. Некои и ти самата не ги знаеш. Тоа се грешки за кои не си свесна, но кои излегоа од твоите постапки… Но, можеш да ги осознаеш. Ако не можеш, покани не на состанок ние ќе ти ги кажеме, сите до една, од првата до последната.

Почни покајанието да го спроведуваш на дело. Времето ќе покаже колку ти си се сменила и колку ќе не почитуваш.

Ако решиме да ти дадеме шанса, веројатно нешто ни значиш.

Грешките не се поправаат преку ноќ. Треба да помине време, за да сфати народот дека си се сменила. Се што можеш да сториш е повеќе да внимаваш на твоето однесување, да не се правиш, како што велиш за себе, нешто што не си, покажи се таква каква што си.

Соочи се со себе, со своето чувство на вина за нас неправедно осудените и не дозволувај да тапкате и ти и твојата партија во место поради тоа. Вреди да се обидете да продолжите понатаму.

За крај, Дани, наместо ти и твоите колеги да се обидувате да ја смените ситуацијата во судницата, прилагодете се на неа каква што е во моментов.

Не постои, знај, процес со кој веќе нема да имате чувство на вина и грижа на совест и многу е веројатно дека сите злодела ќе ве прогонуваат доживотно.