Почна дебатата за преговорите со Северна Македонија и Албанија во Советот

Министрите за надворешни работи на ЕУ кои заседаваат на Советот за општи работи на Унијата ја почнаа дебатата за проширувањето и за датумот за преговори со Северна Македонија и Албанија.

Последните нацрт-заклучоци усогласени синоќа на ниво на амбасадори на земјите членки на ЕУ се за нијанса понеповолни од претходните, со оглед на тоа дека Советот ветува дека ќе се наврати на прашањето во октомври годинава, додека претходната верзија гласеше септември.

„Потврдувајќи ги заклучоците од 26 јуни 2018, Советот ја зема предвид препораката на Европската комисија за отворање пристапни преговори со Северна Македонија врз основа на позитивната евалуација на направениот напредок и исполнувањето на условите идентификувани од страна на Советот.

„Со оглед на ограниченото време на располагање и важноста на прашањето, Советот ќе се наврати на темата со цел да постигне суштинска одлука што е можно побргу и не подоцна од октомври 2019, стои во нацрт-заклучоците.

Одреден број земји членки сметаат дека заклучоците треба да содржат јасна референца кон Преспанскиот договор и посилен речник во поддршка на почетокот на преговори, по можност посилен од оној за Албанија. Додека пак друга група земји инсистира двете земји да одат во пакет.

Извори во Советот за МИА велат дека очекуваат дискусиите за проширувањето и за преговорите да траат „доста долго“ бидејќи земјитечленки поддржувачи на проширувањето сметаат дека е во прашање кредибилитетот и одговорноста на Европската Унија. На иста линија е и еврокомесарот Јоханес Хан, кој вчера специфично се осврна на случајот со Македонија и ги повика земјите членки да ги почнат преговорите со Скопје. Тој додаде и дека не е задоволен со нацрт-заклучоците кои беа на маса и дека преговорите треба да продолжат да се убедат земјите со најголем отпор кон проширувањето. т