Почна четвртиот Тетовски џез-фестивал

Тетовскиот џез-фестивал со својата куса, но богата и значајна уметничка биографија е една од манифестациите кај нас која со одличниот избор на музичари овозможи и Тетово да биде дел од глобалната џез-сцена.

Ова синоќа го истакна министерот за култура Хусни Исмаили, кој присуствуваше на отворањето на четвртото издание на Тетовскиот џезфестивал, што се одржа во Центарот за култура во Тетово.

– Ова четврто фестивалско издание нѐ мотивира и во наредните години да го поддржуваме и да го помагаме Фестивалот. Министерството за култура и во иднина ќе биде доследно во поддршката со цел да овозможиме Тетовскиот џез-фестивал да се надградува и збогатува, рече министерот за култура.

Тетовскиот џез-фестивал беше отворен со настапот на музичарите од Истанбул, Турција, „Таксим трио“. Во рамките на фестивалската програма предвидени се концерти и на браќата Тавитијан кои ќе настапат со Рхани Крија, Нита Речи со Квинтет и други.

За учениците од Средното музичко училиште во Тетово влезот за сите концерти на Фестивалот ќе биде слободен.