Почнува предавањето на предметите од СЈО во ЈО

Специјалното јавно обвинителство од денеска треба да почне да ги предава предметите на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вели дека е утврден начинот на преземање на предметите, а од СЈО оти се подготвени за трансфер на сите списи и докази во Јавното обвинителство.

Се очекува предавањето на предметите да биде заокружено до 15 септември кога истекува мандатот на специјалната обвинителка Катица Јанева, која е во притвор за случајот „Рекет“.

Засега не се знае кој ќе продолжи да ги застапува предметите и како ќе се распоредат вработените од СЈО.

Стручниот, административен и помошно-технички персонал на СЈО вчера преку јавно писмо изрази разочараност од недоволното внимание кое се посветува на прашањето за иднината на најголемиот дел вработени во ова Јавно обвинителство и апелира до меѓународната заедница која беше дел од процесите на формирање на обвинителството и до политичките чинители во земјава внимателно и активно да ги следи актуелните процеси поврзани за навниот работен ангажман.

Писмото е потпишано од стручниот, административен и помошнотехнички персонал на СЈО е адресирано до амбасадите на САД, Кралството Холаднија и Делегацијата на ЕУ, како и до претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и до министерката за правда Рената Дескоска.