Прва официјална средба Заев – Пендаровски, договорена соработка за стратешките цели на државата

Конкретна и суштинска соработка за севкупен напредок на државата и реализирање на стратешките цели – членство во Европската унија и во НАТО, договорија на денешната прва средба премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски.

Како што информира Кабинетот на претседателот, Заев и Пендаровски ја нагласиле потребата од усогласен и заеднички настап на меѓународен план и интензивирање на реформските процеси во земјава со цел остварување на европските и евроатлантските перспективи и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

„Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во државата и за идната соработка меѓу двете институции. Претседателот Пендаровски и премиерот Заев се заложија за конкретна и суштинска соработка меѓу Претседателот и Владата со цел обезбедување на севкупниот напредок на земјата и реализирање на стратешките цели – членство во Европската унија и во НАТО, стои во соопштението.

На средбата, премиерот Заев му честита на Пендаровски за стапувањето на функцијата. Ова е нивна прва средба откако Пендаровски ја презема функцијата претседател. Заев не присуствуваше на инаугурацијата, туку испрати видео порака.