Преспанскиот договор во фокусот на кампањата, ЕУ бара да не се користи за политички препукувања

Преспанскиот договор – придобивките од компромисот, неговата уставна и законска заснованост, негово значење за чекорењето на земјата кон ЕУ и НАТО се во фокусот на кампањата на кандидатите за овие шестти претседателски избори.

Овој Договор, кој Грција и Северна Македонија го постигнаа на 17 јуни 2018 година во Псарадес и со кој се надмина повеќедеценискиот спор за името неминовно се најде во центарот на политичките препукувања меѓу кандидатите, а претставници на Европската унија повикуваат токму ова да не се користи за добивање поени кај гласачите и да се вреднува тоа што е постигнато и што може да биде модел за решавање и на други спорови во регионот.

Кандидатите за претседател, поддржани од СДСМ и од албанската опозиција, Стево Пендаровски и Блерим Река на иста позиција за Договорот. На него гледаат како на болен, но неминовен и најдобар можен компромис меѓу двете земји, со кој се зачува македонскиот идентитет, се отворија вратите на земјата кон НАТО и ЕУ интеграциите, се заштитија државните интереси. Кандидатката која ја има поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова со став дека Договорот е спротивен на Уставот, законите, задолжителното меѓународно право. Таа најавува и некој вид преотворање на Договорот, на што остро се противи Пендаровски и го смета за невозможно и непрактично.

Река, кој на овие избори за шеф на државата ја има поддршката на Беса и Алијансата за Албанците на своите средби со граѓаните, митинзи, но и во телевизиските дебати постојано потенцира дека Преспанскиот договор е компромис кој го отвора патот кон ЕУ и НАТО интеграциите. Сепак, тој како помалку да го експлоатира Договорот во неговата кампања и на него се осврнува доколку тоа го налагаат прашањата на досегашните ТВ дебати кои ги имаше со своите противкандидати, но и кога сака да потенцира дека тоа е еден од условите со кои се отворија вратите за европските и евроатлантските интеграции.

„Ја сфаќам тешкотијата со која македонскиот народ ја прифати оваа солуција – промената на името, но се работи за компромис кој го отвора патот кон ЕУ и НАТО интеграциите, напомена Река во една од ТВ дебатите.

За него Договорот е вин-вин ситуација, Грција го сочувала своето атничко минато, а Македонија ја доби својата европска иднина.

-Во период од десет години во Македонија од преголемата љубов кон нацијата можевме да ја загубиме државата, имавме суфицит на етнички национализам, имавме дефицит на државен патриотизам, е ставот на Река. Тој смета дека со Договорот не сме ја загубиле државата, таа е истата, со Македонци и македонски јазик.

Река, кој е универзитетски професор по  меѓународно право вели дека меѓународните договори кои ги потпишуваат две страни мошне тешко унилатерално се менуваат и додава дека тој повеќе стравува оти Договорот може да претрпи промени од грчка страна, доколку таму на власт дојде, некој кој е подесничарски и понационалистички настроен.

За разлика од него во кампањите на неговите противкандидати Договорот од Преспа е една од централните теми за кои се бијат копјата.

Силјановска Давкова со порака дека ќе го употребува новото име Република Северна Македонија, доколку биде избрана за претседател на државата, бидејќи тоа сега е дел од Уставот. Таа ќе ги почитува написите на институциите, но лично како индивидуа секогаш кога ќе може ќе го избегнува новото име.

„Видете, името е правен факт, не само реален, новото име и јас ќе потпишувам. Едно е што ќе потпишувам, тоа е тоа што го усвоиле преку кршење на домашното и меѓународното право, а друго е јас што ќе правам лично, одговори таа во интертвјуто кое неодамна го објави МИА, а во кое побаравме од неа да каже дали ќе го става својот параф на указите за прогласување на законите со новото име доколку биде избрана за шеф на државата.

Сепак, таа најави комисија од експерти за името која ќе докаже дека со Преспанскиот договор е прекршено меѓународното право. Во своето предизборно презентирање постојано се повикува на меѓународното право, јус когенс и нагласува дека и во Преспанскиот договор се вели дека сите спорови врзани за односите меѓу страните во последната инстанца ќе ги решава Судот на правдата во Хаг.

За неа Преспанскиот договор е надвор од нашето уставното право, но и спротивно на законите, како и на меѓународното задолжително право.

Сепак таа, како што рече, нема да го преотвори Договорот заедно со опозицијата, туку ќе оди по правен пат. Појасни дека со оглед на тоа што Меѓународниот суд во Хаг е задолжен за Договорот, доколку дојде во спор во однос на имплементацијата, може да се укаже на едната страна, да се реагира до генералниот секретар, а потоа може случајот да се најде пред Судот во Хаг. Вели трета страни, не може да биде обрзана со интерпартес договор, дури и третите страни кои не признале под името Република Македонија можат да одбијат да го користат новото име, па случајот да се најде пред Меѓународниот суд.

Пендаровски во повеќе наврати досега истакна дека најавите на Силјановска Давкова за преотворање на Договорот се само предизборна реторика. За него тоа е практично неизводливо.

„Се плашам дека тоа е фрлање прашина во очи на обичниот македонски гласач. 100-процентно е заштитен идентитетскиот комплекс на македонската нација. А во делот на нашиот дел од компромисот е додадена само географска детерминанта, ништо повеќе од тоа, рече Пендаровски.

Појаснува дека за да на каков било начин му се пристапи на Договорот не е потребна само нашата страна, туку и Атина, но и меѓународен гарант – документот е потпишан и од Метју Нимиц, како специјален пратеник на генералниот секретар на ОН.

„Вие морате да ги убедите меѓународните гаранти дека е неопходно да стартувате нови преговори за името и, се разбира, во Атина зависи кој ќе биде на власт, да ѝ кажете на таа влада да дојдат на преговарачка маса. Ако тие не се согласат и меѓународниот фактор не се согласи, ние можеме само дома во Скопје да си правиме муабет меѓу себе, нема да можете да ги обновите договорите, вели Пендаровски.

Нагласи дека се согласува со задолжителното меѓународно право, но напомена спорот бил асиметричен од самиот старт, но сепак без поддршка од меѓународните фактори земјава не можела да дојде дури ни до некакво изедначување на преговарачките позиции, а потоа договореното доби голема поддршка од светските лидери.

А ЕУ предупредува договорот да не се жртвува во меѓусебни политички препукувања. Преспанскиот договор меѓу Северна Македонија и Грција може да поттикне решенија и на другите отворени прашања на Балканот.

„Преспанскиот договор е постигнување од историски димензии, признаено од меѓународната заедница. Тој испраќа позитивен сигнал до целиот регион дека помирувањето во Западниот Балкан е можно со политичко лидерство и со  ориентација кон иднината. Се надевам дека ова достигнување нема да биде жртвувано поради партиски политички причини. Во интерес на земјата е ова остварување да биде неповратно, како и реформите направени во клучните приоритетни области. Време е политичките лидери на Западниот Балкан да размислуваат на долгорочен стратегиски начин,  т.е. што е најдобро за нивните земји и граѓани, наместо да ги следат партиските политички размислувања, порача еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.

Потсети дека Договорот од Преспа е резултат и на зедничката поддршка на САД и ЕУ за решавање на долгогодишниот спор за името меѓу Атина и Скопје.

Кампањата за првиот круг од изборите е при крај, официјално почна на 1 април, ќе трае до 19 на полноќ, по што следува 24-часовен изборен молк, а в недела на 21 април гласачите ќе излезат на избирачките места и ќе го заокружат кандидатот за кој сметаат дека најмногу заслужува да биде иден шеф на државата.