САД го отфрлија барањето на ЕУ за иземање од санкции

Соединетите Американски Држави го отфрлија барањето на Европската унија за тоа на некои од нејзините клучни фирми да не се применуваат санкциите кои Американците ги воведоа за компаниите кои соработуваат со Иран.

Унијата, како и министрите на Германија, Франција и Велика Британија, минатиот месец побараа Америка од списокот на такви фирми да ги избрише оние кои имаат бизнис релации со Иран во секторите здравство, финансии, енергија и производство на автомобили.

Во одговорот, американскиот државен секретар Мајк Помпео и министерот за финасии Стивен Мничин, го отфрлија тоа барање, јави „Ен-Би-Си њуз“.

Сакаме наиранскиот режим да извршиме финансиски притисок без преседан“, се наведува во одговорот и се додава дека САД ќе направат исклучоци само ако тоа им служи на нивните национални интереси.

Тоа отфрлање е во склад со засилениот притисок кој администрацијата во Вашингтон го врши на европските и други земји за да ги прекинат врските со Иран поради, како што наведуваат Американците, поддршката на тероризмот и ширењето на нестабилноста на Блискиот исток.

Европските држави се трудат да ги заштитат своите компании кои тргуваат со Иран откако администрацијата на Доналд Трамп се повлече на почетокот на годинава од нуклеарната спогодба со Техеран.

Со таа спогодба беа укинати меѓународните санкции на Иран во замена за сограсност на Техеран да се откаже од својата нуклеарна програма и да дозволи обемни мерки на контрола.

Американското напуштање на спогодбата значи дека европските компании кои тргнале да соработуваат со Иран после укинувањето на меѓународните санкции сега ќе бидат под американски санкции и ќе бидат исклучени од финансискиот систем во кој доминира Америка.

Првата рунда американски санкции кон Иран стапува на сила во август, а оние кои се однесуваат на извоз на нафта во ноември.

Европјаните се трудат да го задржат Иран во нуклеарната спогодба, и покрај американската објава за економска војна со таа земја.

Европските планови се фокусираат на можноста на финансирање на Иран во други валути, наместо во долари, потоа, на директни исплати на централните банки за иранската нафта, како и други финансиски и економски мерки.

Унијата притоа користи таканаречени блокирачки статути, закони со кои се ограничува примената на странска јурисдикција. Таа мерка беше предложена во 1996 година за да се елиминираат последиците од американските санкции кон Куба, Иран и Либија, но не е употребена затоа што разидувањата беа разрешени на друг начин.

Со блокирачките статути се штитат компаниите на тој начин што им се забранува да почитуваат странски санкции, но и со тоа што не се признаваат одлуките на странските судови кои налагаат примена на тие санкции.