Се предаде „балканскиот Пабло Ескобар“

Кљемент Баљиљи

Еден од најбараните албански криумчари со дрога, Кљемент Баљиљи, и се предаде вчера на полицијата после три години минати во бегство и после десетина безуспешни полициски акции за негово апсење.

Баљиљи, кого медиумите го нарекоа „балкански Пабло Ескобар“, го одбегнува апсењето од април 2016 година благодарејќи, наводно, на политичките врски и мрежата за поддршка што ја развил во Саранда, град на југот на Албанија.

Во февруари 2017 година, под притисок на меѓународната јавност, Албанија апсењето на Баљиљи го стави меѓу приоритетите, со оглед на тоа дека неговиот ланец за продажба на дрога се прошири и на териториите на соседните земји и на земји членки на НАТО.

Албанскиот министер за внатрешни работи Сандер Лешај им изјави на новинарите дека предавањето на Баљиљи е резултат на „сеопфатна, долга и комплексна операција спроведена во соработка со партнерите на Албанија“.

Запрашан што му било понудено на Баљиљи за тој доброволно да се јави во полиција, Лешај одговори: „Гарантирана му е фер правна постапка“.

На апсење на Баљиљи повеќе пати повика и американскиот амбасадор во Тирана, Доналд Лу, заради што албанскиот премиер Еди Рама и нареди на полицијата да се погрижи тој да биде во притвор пред доаѓањето на наследникот на Лу, пренесе Ројтерс.

Агенцијата АП пренесува дека Баљиљи бил истакнато официјално лице во локалната администрација на Саранда, како и тоа дека се скрил откако Грција по него распиша налог за апсење.

Баљиљи ги отфрла обвиненијата, а во јавноста се појави и кога грчката полиција, во соработка со американската агенција за борба против трговијата со дрога, го обвини за транспорт на 700 килограми марихуана во Грција.

Наскоро после тоа се повлече во илегала и стана недостапен.

Баљиљи има двајца адвокати, еден во Грција и еден во Албанија, и двајцата сметаат дека доказите против нивниот клиент не се доволно силни.

Албанскиот премиер Еди Рама вчера рече дека апсењето на Баљиљи претставува „голем чекор во борбата против организираниот криминал“.