Скандал во британската морнарица: Морнари од тајна мисија „паднале“ поради кокаин

„Седуммина морнари на британската нуклеарна подморница ХМС Талент, кои требало да почнат операција за следење на руска подморница во Северното Море, „паднале“ поради кокаин.

Како што пишува „Дејли мејл“, а пренесе „Спутник“, тие се суспендирани поради употреба на кокаин. Според британскиот таблоид, откако подморницата пристигнала во поморската база во Девонпорт, каде што екипажот требало да се подготви за „тајната мисија“ на Арктикот, дел од  морнарите биле на забава после која „паднале“ на тест за наркотици.

По потврдувањето на резултатите од анализата, морнарите биле предадени на воена полиција, а испловувањето на ХМС Талент било одложено.

Причината за одложувањето не е наведена, но, како што пишува „Дејли мејл“, заминувањето бара присуство на цел екипаж на подморницата.

Нуклеарната подморница на ХМС Талент (С 92) е шеста во серијата подморници од класата Трафалгар на Кралската морнарица на Велика Британија. Таа почна да се користи во мај 1990 година и носи крстосувачки ракети „Томахавк“.

Сличен скандал во британската флота се случи во 2017 година. Тогаш, поради употребата на наркотици беа отпуштени девет морнари од подморницата ХМС Виџилант.