Спомениците ќе бидат под засилен надзор и инспекции

Град Скопје кој е надлежен за поставувањето и одржувањето на новопоставените ознаки на спомениците во централното градско подрачје, ќе го засили надзорот за
во иднина да се спречи нивно оштетување.

За демолирањето на дел од ознаките што беше направено изминатата ноќ, градските власти велат дека немаат сознанија кој го сторил тоа и поради тоа не можат да бидат изречени санкции.

„Спомениците се оштетени од непознати сторители и од тие причини не може да бидат изречени казни. Поради зачестената појава на оштетување, Град Скопје во рамките
на своите надлежности во наредниот период ќе го засили надзорот врз спомениците, а тие ќе бидат и под засилени инспекциски контроли“, информираат за МИА од Град Скопје.

Градските власти најавија дека ќе ги санираат оштетените делови на спомениците, а ознаките онаму каде што се отстранети ќе бидат повторно поставени.

Од Град Скопје апелираат до граѓаните да не ги оштетуваат спомениците.

Новата ознака што беше поставена вчера на споменикот на Филип Втори на скопскиот плоштад „Карпошово востание“ ноќеска беше извадена и украдена, а на споменикот на Олимпија е оштетена.

Оштетена е, но и натаму стои залепена, ознаката на споменикот на Александар Македонски на централниот плоштад во Скопје.

На ознаките, согласно Преспанскиот договор, на македонски, албански и на англиски јазик пишува дека овие споеници припаѓаат на античката хеленска историја и на светското културно наследство.