Трамп му се закани на Ердоган: „Ќе ве уништиме ако ги нападнете Курдите“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, и се закани на Турција со економски мерки ако официјална Анкара издаде наредба за да бидат нападнати сиријските Курди.

Почнува одамна потребното повлекување од Сирија додека моментно го напаѓаме малиот, преостанат дел од територијалниот калифат на ДАЕШ од повеќе правци. Повторно ќе ги нападнеме од постоечката блиска база ако пак се обидат да се формираат. Економски ќе ја уништиме Турција ако ги нападнат Курдите. Направете безбедносна база од 20 милји“ напиша Трамп на својот профил на Твитер.

Американскиот претседател порача и дека треба да запрат бескрајните војни.

Исто така, не сакам Курдите да ја предизвикуваат Турција. Русија, Иран и Сирија ќе имаат најголема корист од долгорочната американска политика за уништување на ДАЕШ во Сирија, природните непријатели. И ние имаме корист, но сега е време да ги донесеме нашите трупи дома. Запрете ги бескрајните војни!“, истакна Трамп.

Меѓународната коалиција за борба против терористичката организација ДАЕШ предводена од САД го почна процесот на повлекување од Сирија, соопшти во петокот портпаролот на Коалицијата.

Државниот секретар Мајк Помпео претходно изјави дека повлекувањето на американската војска од Сирија нема да влијае на способноста на неговата земја да ги спроведе неопходните воени дејствија против терористите.

Кон средината на декември 2018 година Доналд Трамп изјави дека ДАЕШ во Сирија е поразен, наведувајќи дека тоа било единствена причина за престој на американски војници во таа земја. Подоцна портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс соопшти дека САД почнаа со повлекување на војската од Сирија, но дека победата над ДАЕШ не означува крај на постоењето на меѓународната антитерористичка коалиција.

 

(Извор: МИА)