Триесет сантиметри снег на Попова Шапка

Трисетина сантиметри нов снег наврнаа ноќеска на зимско-рекреативниот центар Попова Шапка. Според вработените во сместувачките капацитети, снегот почна да паѓа во неделата околу 20 часот и во текот на ноќта формираше значителна снежна покривка.

„Може да каже дека снегот изненади. Последен пат имаше наврнато во февруари, а во март ниту еден ден немаше нов снег. Сега за кратко време се формираше покривка, а продолжува да паѓа и утринава, изјави Тихомир Ановски од сместувачкиот капацитет „Конак“.

Тој вели дека не верува оти скијачката сезона ќе продолжи, бидејќи во април температурите се повисоки и снегот брзо ќе се стопи.

„Се зависи од временските услови. Сепак е април и температурите се повисоки па очекувам снегот брзо да се стопи. Во секој случај би требало да го има неколку ден,вели Ановски.

Снегот го има и регионалниот пат Тетово-Попова Шапка, а според Ановски тешко е за движење поради постојаните врнежи. Може да се помине само со теренско возило, а не со патничко моторно возило.

Од Управата за хидрометеролошки работи велат дека на Попова Шапка во наредните денови според метеролошката состојба се можни и нови врнежи од снег.