Усвоени препораки за прогласената епидемија на мали сипаници во државата

На седница на Владата денеска е усвоена  информација на Министерството за здравство, според која на предлог на Комисијата за заразни болести при министерството е донесена одлука за прогласување епидемија на мали сипаници на цела територија на Република Северна Македонија.

„Согласно постапката за вакви ситуации донесени се и соодветни препораки кои предвидуваат строго почитување на мерката за забрана на посета на градинки на не вакцинирани деца со МРП на територија на цела држава, како и почитување на протоколот за движење на пациентите со симптоми на мали сипаници со цел да се намали оптоварувањето на клиниките за инфективни болести и педијатрија и да се намали стапката на интра-хоспитално ширење на инфекцијата, соопшти владината пресслужба.

Препораките предвидуваат сите невакцинирани здравствени работници кои се во директен контакт со пациенти (особено педијатри, инфектолози и гинеколози) задолжително да бидат вакцинирани со две дози на МРП.

Како посебно важна препорака се нагласува потребата од интензивирање на мерките за вакцинирање на невакцинирани деца преку спроведување на кампањи за вакцинација и теренски активности за промоција на вакцинацијата спроведени од Центрите за јавно здравје и надлежните служби од здравствените домови. Воедно да се понуди дополнителна вакцинација со МРП за сите невакцинирани, некомплетно вакцинирани и лица без доказ за вакцинација кои се постари од 14, а помлади од 45
години.

Во информацијата за епидемијата на мали сипаници се наведува дека овие активности особено треба да се засилат во градовите надвор од Скопје.