Уште една недела до првиот круг од претседателските избори

„Eдна недела пред одржувањето на првиот круг од претседателските избори, двајцата кандидати, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска – Давкова, одржаа централни митинзи во Скопје.

Силјановска – Давкова во саботата од пред Владата, а Пендаровски вчера од пред ЕУ Инфо центарот, ги упатија пораките до гласачите.

На Македонија ѝ се потребни радикални демократски реформи, порача кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, а нејзиниот ривал поддржан од СДСМ – дека само еден е патот кон прогрес, а води преку ЕУ и НАТО.

„На Македонија ѝ се потребни радикални демократски реформи за да не остане закопана во транзицијата и да не направи ниту еден чекор кон демократска консолидација, рече Силјановска, обвинувајќи ја Владата дека наместо подобар живот, реформи, демократија, владеење на правото, борба со корупција и криминал, битка со непотизам и европеизација, досега, во 2,5-годишното владеење, единствено го променила името на државата.

Според неа, Владата не е европска, ниту реформска.

„Македонија е потоната во отсуство на владеење на правото, правдата е селективна, ја стига само опозицијата, а никако да допре некого од власта, дополни Силјановска-Давкова.

Пендаровски уште еднаш повтори дека немаме повеќе генерации за губење и затоа не треба да и се дозволи на опозицијата да не врати од патот по кој чекориме.

„Имаме неповторлива можност како генерација да оставиме трајно наследство зад нас. Обезбедена и сигурна држава, партнер на демократскиот свет, рамноправен дел од најзначајните светски сојузи.

Оние кои мислат дека без НАТО и ЕУ можеме да ги решиме децениските проблеми со иселувањето, од социјалната сфера, дека може да ја обезбедиме сигурноста и стабилноста, се лажат. На сите што сакаат да не вратат назад мора да им порачаме дека не само што нема да се враќаме назад, туку сите заедно ќе одиме напред, истакна Пендаровски.

И оваа недела тројцата претседателски кандидати ги продолжуваат митинзите и средбите со граѓаните. Кампањата ќе трае до 19 април, по што следува 24-часовен изборен молк, пред денот на гласањето.

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.

Ова се првите избори по стапување во сила на Преспанскиот договор, со кој е решен спорот за името помеѓу Македонија и Грција и земјата го доби името Република Северна Македонија.

На 21 април во земјава покрај претседателските избори ќе се одржат и предвремени избори за градоначалници на општините Охрид, Ново Село и Дебар.