Финска од денеска ќе претседава со Советот на ЕУ

Финска денеска ќе го преземе ротирачкото шестмесечно претседавање со Европската унија.

Ова е третпат, според утврдениот распоред, Финска како земја-членка на ЕУ, да претседава со Советот на ЕУ.

Советот на ЕУ е тело кое ги собира министрите на земјите – членки и се состанува според одредени области, од земјоделство до надворешни и внатрешни прашања.

Земјата членка која претседава во период од шест месеци ги одржува сите состаноци на Советот на ЕУ, освен Советот на министри за надворешни работи, со кој претседава министерот за надворешни работи на ЕУ.

Во исто време, претседавачката земја е обврзана да води работни и стручни групи, но и да соработува со Европската комисија и со Европскиот парламент во име на Европскиот совет.

Финска го презема претседателството со Советот на ЕУ од Романија, а на 1 јануари 2020 година ќе го предаде на Хрватска.

Пред да го преземе претседателството со Советот на ЕУ, Финска најави дека нејзината програма ќе се заснова на социјалната, економската и еколошката одржливост на Европа.

Како клучен приоритет на своето претседателствување, Финска ја наведува улогата на ЕУ во борбата против климатските промени.

Програмата на финското претседавање опфаќа и зајакнување на единствен пазар, политика базирана на слободна трговија, користење на  потенцијалите кои овозможуваат развој, иновации и дигитализација.