Франција: „Жолтите елеци“ влегуваат во политика

Не се остварија предвидувањата на француските власти дека после Нова Година ќе намали интензитетот на протестите на „жолтите елеци“. Немирите кои се случија минатата сабота покажаа дека јадрото на „елеците“ опстои и го примораа официјален Париз добро да се подготви за нов бран протести.

Заради протестот закажан за оваа сабота, девети по ред, претседателот Емануел Макрон се откажа од вообичаените церемонии за новогодишни честитки од различни сегменти во општеството. Тој, според пишувањето на одделни медиуми, ќе одржи само еден прием на кој по повод новогодишните празници ќе им пренесе честитки на војската и сето внимание ќе го насочи на обидот да излезе на крај со „жолтите елеци“.

На неколоку денови пред почетокот на големата двомесечна национална дебата, која стартува на 15 јануари, неколку министри на кои им падна исклучително тешка задача да го подготват теренот, одат низ Франција и се среќаваат со разочарани граѓани.

Спектар од најразлични барања наведени во платформата веќе ја утврди рамката на претстојната дебата. На врвот на листата на барањата е укинувањето на законот за истополни бракови.

Максим Никол, пак, еден од предводниците на движењето „жолти елеци“, ги повика граѓаните во сабота во осум часот утрото да ги повлечат своите штедни влогови од банките, што има за цел да се дестабилизира финансискиот систем во земјата. Досега обиди за вакво нешто имало повеќепати но никому не му успеало. Поранешниот фудбалер Ерик Кантона, на пример, во 2010 година не успеа да ги убеди французите да си ги повлечат заштедите.

За сето ова време, лидерите на „жолтите елеци“ се повеќе се свртуваат кон политиката. Предводникот на мирната струја на ова движење, Жаклин Моро, веќе отпочна постапка за формирање партија.

Дури стаса и меѓународна поддршка. Матео Салвини и Луиџи ди Маја, двајцата потпретседатели на Советот на министри на Италија, го повикаа Макрон да си поднесе оставка и им упатија официјален повик на „елеците“ за средба.

Против претседателот на Франција, Емануел Макрон, е и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Орбан деновиве изјави дека Макрон го смета за водач на „промигрантски сили“ во Европа заради што чувствува одговорност да му се спротивстави.

Ова не е ништо лично, туку се однесува на иднината на нашите држави. Ако во Европа се материјализира тоа што тој го сака во поглед на миграциите, тоа би било лошо за Унгарија. Заради тоа јас морам да се борам против него“, рече Орбан.

(Фото: АП/Клаудија Парис)