Хакерска порака на јавниот сервис на Евровизија: Израел не е безбеден, ќе видите

„Двеминутна видео-снимка со порака:
„Израел не е безбеден, ќе видите“, е испратена за време на првото полуфинале од изборот за Песна на Евровизија преку страницата на јавниот сервис Кан.

Јавниот сервис, кој е домаќин на натпреварот, соопшти дека станува збор за хакерски напад и дека хакирањето траело неколку минути.

Се појаснува дека хакери вметнале лажно видео предупредување од израелската војска во кое се наведува да се оди во засолништата поради неизбежен ракетен напад.

„Веруваме дека пораката не ја добиле многу луѓе. ЕБУ (Европската радиодифузна унија) и Кан сметаат дека кибер-безбедноста е од голема важност и дека случајот се истражува, се наведува во соопштението.

Пропалестински активисти, кои се залагаат за бојкот на Израел, започнаа кампања против натпреварот за Песна на Евровизија, кој привлече меѓународно внимание и десетици илјади туристи во Израел.

Активистите организираа марш во пресрет на почетокот на првото полуфинале недалеку од местото каде што се одржува во Тел Авив, повикувајќи на ставање крај на израелската контрола на западниот брег и Појасот Газа.

На 5 мај, палестинското движење Исламски џихад од Појасот Газа се закани дека ќе го спречи одржувањето на изборот за Песна на Евровизија.

„Ќе го спречиме непријателот да успее во одржување на каков било фестивал, чија цел е да му наштети на палестинскиот наратив“, стоеше во соопштението на Исламски џихад, објавено во моментот кога израелските воздухопловни сили започнаа напади врз десетици цели во Појасот Газа, како одговор на тоа што 400 ракети беа истрелани кон територијата на Израел.

Во соопштението беше наведено и дека „отпорот мора да реагира на агресијата на непријателот и да го изненади“.

 

 

МИА