Шекеринска: Преспанскиот договор ги намалува ризиците за Македонија

По нецели два месеци откако Македонија ја достави инцијативата да биде вклучена во европскиот проект за процена на хибридните закани, на која добивме позитивен одговор, денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска оствари средба со  делегација на Европскиот директорат за надворешни активности, предводена од директорот за кризен менаџмент и планирање, Габор Инклоди.
Како што соопштија од Министерството за одбрана, Шекеринска ги информирала гостите  дека Министерството ја презема водечката улога на координатор на целиот процес за што веќе е формирано тело и е именуван национален координатор и негови заменици кои се експерти во областа. Во процесот, истакна министерката, ќе учествуваат 27 институции.
-Владата го финализираше Преспанскиот договор со кој, по исполнувањето на обврските и од двете страни, ќе се овозможи полноправно членство на Македонија во НАТО со што ќе се зајакне стабилноста и безбедноста на нашата земја и на регионот и ќе се намалат ризиците од таков вид. Веќе за неколку седмици Македонија ќе се стекне со право да присуствува и да изнесува мислење на сите состаноци на Алијансата, рече министерката Шекеринска.
Таа ги информирала дека Владата промовира нова политика на создавање на пријатели наместо непријатели и дека со цел да внесе дух на соработка и помирување во регионот се фокусира на градење мостови и пријателства со соседите.
Гостите од Европскиот директорат потенцирале дека државите од Западен Балкан  не се само партнери туку и идни членки на ЕУ и дека цврстите врски со нашата земја се на високо место во агендата на Брисел.
Шекеринска ги информирала европските претставници дека Министерството за одбрана ја искажа својата посветеност на овој процес и преку писмо до Федерика Могерини и изразила задоволство од брзиот одговор и поддршката од ЕУ.
Во рамки на посетата на европската делегација се одржала и тркалезна маса на која гостите од ЕУ и нашето Национално координативно тело дискутирале за следните чекори и временските рокови за нивно извршување.

 

 

(Извор: МИА)