Шестмина повредени се уште во критична состојба по несреќата на автопатот Скопје-Тетово

Шестмина повредени, од кои четворица во Градската општа болница „8 Септември“ и двајца на Клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) се уште се во критична состојба по вчерашната несреќа кога автобус се преврте на автопатот Скопје – Тетово, кај селото Ласкарци, изјавија за МИА од двете јавни здравствени установи.

Министерот за здравство Венко Филипче на својата ФБ страница информира дека изутринава повторно ги посетил повредените во ГОБ „8 Септември“.
Директорот на ГОБ „8 Септември“, Христијан Костов рече дека по вчерашната несреќа во таа јавна здравствена установа се примени 32 повредени од кои четворица се на Одделот за интензивно лекување и се во критична здравствена состојба, а еден повреден уште вчера е испратен на Клиниката за торакална хирургија.

„Останатите повредени се сместени во Траума центарот. Сите се во добра општа состојба. Синоќа, односно во раните утрински часови е забележано паѓање на крвната слика на една пациентка и сега е во операциона сала. Веројатно станува збор за повреда или на слезинка или на црн дроб, се уште трае операцијата. Мислам дека ќе биде санирана, торакалните хирурзи се влезени во сала. Во текот на денот ќе има некои изолирани интервенции за скршеници, точно не знам да ви кажам сега што и како. Сите други повредени се во добра општа состојба, освен овие четворица се неуротрауми и истрауматизирани и еден со повреда на мозок, меѓутоа се под контрола на анестеолози, неврохирурзи, се прави се што е потребно, истакна д-р Костов.
Раководителот на Ургентниот центар Алберт Леши за МИА изјави дека двајца пациенти се уште се во критична состојба. Посочи дека кај нив биле примени осум пациенти примени, од кои двајца биле пуштени на домашно лекување.

„Четворица пациенти се стабилни. Кај двајца кои се во критична состојба и двајца кои се стабилни беше хируршки интервенирано. Сите пациенти се под опсервација, бидејќи на Клиникава беа донесени најтешко повредените. И еден пациент од ГОБ „8 Септември“ беше префрлен на Клиникава за операција. Тој е во живото загозувачка состојба, додаде Леши.